Пред неколку часа на Инфективната клиника во Скопје е примен пациент кој пред неколку дена допатувал од Дубаи, кадешто престојувал шест дена. Лицето кое имало симптоми на грип се наоѓа на Инфективната клиника, кадешто се прават теститирања за коронавирус, информира министерот за здравство Венко Филипче.

– Пред неколку часа е примен еден пациент кој минал шест дена во Дубаи, има симптоми на грип и за околу 2-3 часа ќе бидат готови резултатите – рече Филипче и додаде дека се пристапува со целото внимание како за сомнителен случај заболен од коронавирус.

Филипче апелираше до сите кои доаѓаат од критичните региони да се придржуваат до препораките во упатството и доколку почувствуваат некои од симптомите да не се шетаат низ здравствените установи, туку да се јават на телефоните за Институтот за јавно здравје. Според министерот, здравствениот систем е подготвен и оти располага со доволен број на кревети, маски, мантили и скафандери.

Вчера исто така со симптоми на грип на Инфективната клиника се јавило лице кое слетало од Милано, но тестирањата за коронавирус се покажаа негативни. Патникот е тестиран и нема коронавирус. Тој имал лесна клиничка слика, нема покачена телесна температура и неговата состојба е стабилна.

Патникот поминал низ термалната камера, која кај него не дијагностицирала симптоматологија на болест. Првите симптоми ги почувствувал по доаѓањето дома, по што се јавил на Инфективната клиника во Скопје и бил примен во 22 часот. Од неговото пристигнување на клиниката, пациентот е ставен во изолација, по што му се направени тестови согласно утврдениот протокол.