Тврдењата на пратеничката Фросина Ременски дека случајот за кој е осомничена е конструиран, а таа е цел на тајни параполициски структури отвораат многу дилеми во јавноста. Што мислат експертите во врска со тезата за постоење на параполиција во Македонија

Постојат ли параполициски структури во државата, кои се тие, дали и како дејствуваат и што значи тоа за државата и за граѓаните. Ова се само некои од дилемите што се наметнуваат во домашната јавност откако пратеничката Фросина Ременски, која наедно е и членка на собраниската комисија за одбрана и безбедност, но и членка на комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, деновиве даде исказ пред обвинителката Вилма Русковска дека нејзиниот случај е конструкција, а таа е цел на параполициски структури. Кога пратеник како Ременски, која е упатена во дејствувањето на безбедносните служби преку членство во споменатите собраниски комисии, ќе излезе со став дека е цел на параполициски структури, тоа е сосема доволен сигнал за новинарско истражување и опсервација на темата.

– Кога професор по безбедност ќе стане таргет на параполициски структури, ќе стане таргет во една разузнавачка и параполициска ситуација и ќе се најде во ваков апсурд да се правда пред надлежните институции за нешто дали сторил или не, а сите преостанати на кои професорката им го открила криминалот ќе се трудат тој воопшто да не биде дознаен во јавноста – рече Ременски.

Таа во изјавата го посочи и поранешниот директор на УБК, Горан Николовски, за кого рече дека јавноста треба да се позанимава со неговата работа.

Поттикнати од една ваква изјава на висок функционер од власта, кој е под истрага, и пред сѐ во функција на јавниот интерес, „Нова Македонија“ побара мислења од стручната јавност, на што се мисли и што точно значат овие тврдења за постоење тајни параслужби што дејствуваат во Македонија, дали ги има, каде оперираат и за чии интереси работат.

Магдалена Лембовска, истражувачката за безбедносни прашања од „Евротинк“, вели дека овие параполициски служби за кои говорат политичарите деновиве може да бидат и рефлексија на злоупотреба на безбедносниот сектор од одредени потесни центри на моќ што имаат влијание врз разузнавањето во државата.

– Параполиција се однесува на структури што функционираат паралелно со „регуларната“ полиција, односно ја имаат моќта што ја има и полицијата, но не ја користат за заштита на граѓаните туку за заштита на нечии потесни интереси. Ваквите изјави имаат за цел да оддадат впечаток или да укажат на заробување на безбедносниот апарат од страна на потесни групи, но може да значи и постоење на неформални групи (на пример припадници на приватно обезбедување или дури и криминални групи што располагаат со средства за присилба) на кои им е дозволено да функционираат надвор од сите норми и правила, спротивно на јавниот интерес – објаснува Лембовска.

Од друга страна, поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, заобиколувајќи ја изјавата на Фросина Ременски и нејзините тврдења дека постојат параполициски служби во земјава и дека таа е цел на напад од страна на нив, вели дека тој нема информации во овој момент дека постојат такви служби, кои би можеле да ја загрозат безбедноста на граѓаните, но и функционирањето на демократскиот поредок на нашата држава.

Поранешниот прв полицаец објаснува дека лицето што е под истрага има право во своја одбрана да тврди и укажува што тоа мисли и знае.

Според Трајанов, институциите треба да ги истражат овие јавно изнесени тврдења на политичарите и, доколку постојат, да постапат со соодветна истрага.

– Во моментов немам сознанија дека има какво било дејствување на овие таканаречени параслужби во полицијата во државата што се актуелни деновиве во јавноста и се тврди дека такви служби сепак постојат и работат. Од она што можам да го кажам е дека ваквите јавно изнесени ставови треба да се поддржат со факти, бидејќи една таква изјава не може да биде дадена без сериозни индиции и информации за ваквите случувања. Сепак, институциите треба да потврдат или кажат дали има дејствување на овие таканаречени параслужби, чие спомнување во јавноста најчесто е мотивирано од домашни политички центри на моќ – вели Трајанов.

Инаку, пратеничката Фросина Ременски изминатиот период беше во фокусот на јавноста поради истрагата за незаконско работење на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски (Боки 13). Таа веќе го доби и решението дека истрагата против неа е завршена.

[email protected]