Папата Франциск, поглаварот на Римокатоличката црква, ќе биде првиот папа што ќе ја посети Македонија. Неговата посета на Скопје е предвидено да се случи на 7 мај следната година. Оваа информација вчера и официјално ја потврдија од владината прес-служба и од Католичката црква во земјава.

– Прифаќајќи ја поканата на Католичката црква во Македонија и на државниот врв, неговата светост папата Франциск ќе ги посети Република Македонија и главниот град Скопје на 7 мај 2019 година. Ова е официјално потврдено од канцеларијата за печат при Светиот престол во Ватикан – пишува во соопштението од Католичката црква.
Оттаму велат дека програмата за посетата на папата во Македонија ќе биде објавена дополнително. Претходно, од 5 до 7 мај 2019 година, папата Франциск ќе ја посети Република Бугарија.

Бискупот на Католичката црква во Македонија, Киро Стојанов, вчера изјави дека оваа вест ја примил со воодушевување и верба дека доаѓањето на папата во главниот град на државата и во родниот град на св. Мајка Тереза има посебна симболика.
– Пораките што ќе бидат упатени за време на неговата посета ќе бидат делотворен поттик за многу потребната духовна и друга обнова на ова наше општество. Верувам дека ќе ни помогне да го сфатиме и прифатиме фактот дека сите, и како луѓе и како верници, сме одговорни за градење мир и среќна иднина меѓу сите верници, граѓани и народи во оваа наша мила татковина Македонија – посочи бискупот Стојанов.

За посета на поглаварот на Римокатоличката црква во Македонија практично се исполнети сите предуслови што ги предвидува ватиканскиот протокол за една таква посета. Пред неколку години се изгради и новата католичка резиденција на Водно, со што се овозможуваат и просторни услови за престој на папата. Според протоколот на Ватикан, папата при посета на некоја држава не престојува во хотел, туку во резиденцијата на својата црква. Најблиску до Македонија каде што досега папата остварил посета е Албанија во 2014 година. Р.З.