Фото: Маја Јаневска-Илиева

СИЛНА ПОРАКА НА ПОГЛАВАРОТ НА КАТОЛИЧКАТА ЦРКВА

Познавачите на верските состојби велат дека оваа пораката на папата треба да се гледа и низ призмата на последните случувања на политички план со недобивањето датум за преговори за Македонија, при што папата Франциск јавно ја поддржа Македонија, порачувајќи им на европските лидери да не заборават од каде дошло христијанството во Европа

Папата Франциск, поглаварот на Католичката црква, во својата последна проповед во Ватикан застана во одбрана на Македонија и јасно порача дека нејзе местото ѝ е во Европската Унија. Откако доби негативна одлука од Франција и Макрон за датум за почеток на преговори, покрај политичката европска јавност, сега и папата Франциск јавно ја поддржа Македонија, порачувајки им на европските лидери да не заборават од каде дошло христијанството во Европа.

Покрај тоа што посветил цела проповед за Македонија, прикажувајќи ја како врата преку која дошло христијанството во Европа, го опишал и примерот со покрстувањето на Лидија од Македонија и мисијата на апостол Павле, со што потсетил на неговата посета на Македонија во мај годинава, како и дека Македонците се многу горди на тоа.

– Тоа јасно го гледаме кога апостол Павле, доаѓајќи од Троја, имал едно видение. Некој Македонец го моли: „Прејди во Македонија и помогни ни“. Народот на Северна Македонија се гордее со тоа, многу се гордее со тоа дека го повикале Павле токму тој да им го навести Исус Христос. Ми остана убаво сеќавање од тој добар народ, кој многу добро ме прими. Нека ја чуваат оваа вера што Павле им ја проповедаше. Апостолот без никакво колебање заминува во Македонија, уверен дека го испраќа самиот Бог, и доаѓа во Филипи, „римска колонија“, на Виа Игнација да го проповеда евангелието. Павле овде се задржува неколку дена. Три настани ја карактеризираат неговата посета, евангелизацијата и крштевањето на Лидија и нејзиното семејство. Тука го имаме сведочењето за доаѓањето на христијанството во Европа, тоа е почеток на процесот на инкултурација, која трае и до денес. Тоа дојде од Македонија – рекол папата на ауденицијата во Ватикан.

Познавачите на верските состојби велат дека оваа порака на папата треба да се гледа и низ призмата на последните случувања на политички план со недобивањето датум за преговори за Македонија.

– Секоја проповед на папата е порака, ништо не е случајно, ништо не е без цел. Ова е потсетување кон политичките лидери во Европа дека Македонија е Европа и нејзиното место е во европското семејство – велат познавачите на црковните состојби.
Папата Франциск беше во еднодневна посета во главниот град на 7 мај годинава. Тогаш се сретна со тогашниот претседател Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев, како и со претставниците на верските заедници во земјава.
Тогаш папата истакна дека Македонија отсекогаш имала идентитет и сега тој е консолидиран како народ со мали и со големи проблеми, како нејзиното име, и сите го знаеме тоа.