фото Игор Бансколиев

– Од денешна перспектива како големо визионерство и лидерство изгледа она што во 2001 година изгледаше како непопуларно. Трајковски беше синоним за лидерство, мир, помирување, искреност и интегритет. Со неговата прерана смрт изгубивме еден голем лидер – порача министерот за надворешни работи Никола Димитров на панел дискусијата на тема „Лидерство засновано на вредности – од принципи до реализација“ во чест на 15-годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски.

Тој посочи дека задно со Трајковски ја поминале „тешката 2001 година“ во која, како што рече, поранешниот пертседател беше еден од столбовите да го зачуваме мирот и земјата каква што ја имаме денеска, да ги зацврстиме меѓуетничките односи и да имаме блиска соработка со НАТО и ЕУ.

– Во услови кога немаше доволно лидерство Трајковски излезе храбро немислејќи на својот рејтинг, ниту на политичките односи, туку беше таму кога и требаше на својата татковина и својот народ. Беше голем човек кој одеше и стоеше цврсто на земја и беше еден од ретките кој исклучително лесно стекнуваше блискост и пријателство со лидери од целиот свет – рече Димитров.

Нас како нација, додаде, прво не задолжи во 1999 година кога ја менаџираше косовската бегалска криза како заменик-министер за надорешни работи, а како претседател со Охридскиот рамквен договор обезбеди мир и ги зацврсти постулатите на мултиетничката стабилност и соживот.

– Мислам дека во нашиот регион може да се подобри начинот на кој се почитуваме меѓусебно, а наследството на нашиот покоен претседател може да ни помогне во тој поглед – посочи Димитров.

Поранешниот претседател на Хрватска, Стјепан Месиќ нагласи дека се што е наведено во темата на денешната панел дискусија го карактеризира токму претседателот Борис Трајковски кој беше соочен со тешки одлуки чии реперкусии беа императив за земјата и за регионот и покажа дека е државник во вистинско значење на зборот.

– Нема сомнеж дека тој покажа силно лидерство во многу тешко време, бидејќи по трагичните судири беше потребно да се обновни довербата помеѓу различните етнички заедници, а тоа не е нималку лесна задача. Тој имаше многу морал и етичност и многу жалам што многу рано не напушти, но не можам а да не се запрашам дали можеби сега во неговата татковина се остваруваат неговите сништа – рече Месиќ.

Потенцира дека спогодбата за добрососедство со Бугарија  е историски исчекор за трајна нормализација на односите меѓу двете земји, а потпишувањето на Преспанскиот договор, додаде, претставува можеби најважен билатерален договор потпишан во Европа по Втората светска војна.

-Процесот на национално помирување е од особена важност за македонската држава и општество, а искуствата од овој процес ќе бдат драгоцени и за други држави, рече Месиќ и додаде дека ликот и делото на Трајковски претставуваат силен и важен симбол за помирување и инспирација за генерациите кои доаѓаат.

Поранешниот албански претседател Алфред Мојсиу рече дека Трајковски бил мудар, страствен, сладок и незаборавен.

-Поминаа 15 години од неговата смрт, но неговата работа и придонес не се заборавија и тој е бесмртен во однос на вредностите  и она што го направи во интерес на својот народ и на целиот Балкан. Политичарите на оваа земја успеаа да направат мудра работа која го отвори патот за интеграција во ЕУ и НАТО, а со тоа да го остварат вечниот сон на Трајковски – рече Мојсиу.

Ален Лероа, поранешниот специјален претставник на ЕУ во земјава посочи дека потпишувањето на Охридскиот договор не беше лесна задача за државата и за претседателот Трајковски и додаде дека верува оти во тоа време Трајковски не бил многу популарен кај народот, бидејќи, како што рече, беше храбар и не го кажуваше тоа што сакаше народот да го чуе, туку вистината.

– Во тоа време речиси секојдневно се гледав со претседателот Трајковски кој беше опседнат со судбината на земјата. Беше голем државник со високи вредности и вистински демократ кој ги ценеше луѓето. Сите лидери имаа целосна доверба во него и во неговата визија. Тој беше секогаш достапен кога требаше да се донесе некое важно решение. Имаше емпатија за сите. Доколку не го направеше тоа што го направи ќе беше могу страшно и ќе имаше граѓанска војна. Благодарение на него помалку луѓе загинаа – рече Лероа и додаде дека Трајковски беше вистински човек за помирување.

Верувам дека претседателот Трајковски, нагласи, беше инспирација за одллуките што ги донесоа актуелните политичари за отворање на евроатлантскиот пат на земјата.

– Верувам дека неговите вредности ќе останат инспирација за сите лидери во оваа земја, но исто така и во Европа. Соработував со него и можев да ја видам неговата визија и неговата одговорност во преземањето одлуки во корист на сите луѓе и во корист на земјата – потенцира Лероа.

Сер Барни Вајт Спанер, поранешен висок функционер на НАТО, кој учествувал во акцијата „неопходна жетва“ во 2001 година посочи дека претседателот Трајковски имаше визија и можеше да види што ќе се случи.

– Тој ги донесе вистинските одлуки кои водат кон мир и простперитет. Да го славиме како човек кој  ја доведе оваа земја на вистинскиот пат – рече Спанер.

Владо Бучковски, кој во 2001 година беше министер за одбрана, потенцира дека претседателот Трајковски повеќе го ценеа надвор отколку дома.

– Многу работи можеа да бидат поинакви ако Борис не ја доживееше трагичната судбина. Тоа е трагедија за Македонија. Убеден сум дека со него се ќе беше поинаку. Во 2001 година покажа лидерство какво што и недостасува на Македонија – рече Бучковски.

Поранешниот министер за надворешни работи на Романија, Мирчеа Џоана предложи во рамките на Аспен групата да се одржи годишен семинар за лидерството  и зачувување на вредностите насловен по поранешниот претседател Борис Трајковски, што беше прифатено од сопругата на Трајковски, Вилма Трајковска, која посочи дека и досега се одржувале слични семинари, но за помлади лидери.