Зависноста од телефони, таблети и од компјутери, кај децата предизвикува несоница, гојазност, губење на социјалните вештини и проблеми во директна комуникација, предупредуваат научниците

Кај двегодишните деца се развиваат ментални проблеми доколку ги користат паметните телефони и таблетите, предупредуваат научниците. Еден час во денот гледајќи во мониторот може да биде доволно за децата да развијат анксиозност или депресија што, пак, може да доведе до намалување на детската љубопитност, да ги направи помалку способни да ги завршат обврските, емоционално нестабилни и со недостиг од самоконтрола, вели истражувањето направено од научниците од Државниот универзитет на Сан Диего и Универзитетот во Џорџија.

Иако тинејџерите се под најголем ризик, кога станува збор за негативните последици од овие уреди, бидејќи тие најмногу време ги користат, сепак, децата под десетгодишна возраст, на кои сѐ уште им се развива мозокот, можат да имаат многу посериозни последици, пренесува „Дејли меил“.

Истражувачите предупредуваат дека зомби-децата од Велика Британија поминуваат околу пет часа секој ден гледајќи во електронски уреди.
– Половина од менталните болести се развиваат до адолесцентна возраст – истакнаа професорките Џен Твенџ и Кеит Кампбел.

Според нив, родителите и наставниците, мора да го скратат времето што децата го поминуваат онлајн или гледаат телевизија додека учат, се социјализираат, јадат или спортуваат. Професорката Твенџ, истакна дека нивната студија е една од најопсежно направените досега, и оти истата таа ја поддржува препораката на Американската академија на педијатри, која вели дека треба да се воведе граница на времето, кое децата го поминуваат со електроника, на еден час во денот за деца од две до петгодишна возраст.

Тие направиле истражување и меѓу родители на повеќе од 40 илјади деца на возраст од две до 17 години, во Соединетите Американски Држави.

Децата на предучилишна возраст, односно под пет години, кои се големи корисници на електронските уреди, двојно побрзо го губат трпението. Тие се за 46 проценти повознемирени и тешко можат да се смират во такви ситуации.

Дури 42,2 проценти од децата на возраст од 14 до 17 години, кои користат електроника еден час и повеќе на ден, не се способни да ги завршат своите задачи, а девет проценти од децата на возраст од 11 со 13 години, не биле заинтересирани да научат нови работи.

Оваа година, Светската здравствена организација одлучи во својата листа на болести да го вклучи нарушувањето од видеоигри.

Во декември 2017 година, тим научници од Универзитетот во Оксфорд, констатираа дека децата од Велика Британија, кои ги нарекуваат „зомби“, просечно минуваат од три до четири часа пред електронски уреди, во зависност од возраста.
Научниците предупредуваат дека зависноста од телефони, таблети и од компјутери, кај децата предизвикуваат несоница, гојазност, дека губат од социјалните вештини и проблеми во директната комуникација.

И според нашите психолози, проблемот со децата е комуникациски, родителите помалку зборуваат со нив и сѐ помалку време поминуваат со нив.

– Многу родители премногу рано и без ограничувања им даваат на децата таблети, компјутери и мобилни телефони, па децата учат да комуницираат само посредно, преку електронски уреди, сѐ помалку деца знаат да разговараат меѓу себе и со возрасните – смета психологот Лидија Зорба.