Специјалниот претставник на државниот секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, очекува Македонија да ги почне преговорите со Европската Унија во октомври.

– Се надеваме дека Северна Македонија ќе ги почне преговорите по Европскиот совет на 16 октомври – изјави Палмер во интервју за Гласот на Америка.

Тој потсетува дека Европската комисија препорачала отворање на преговорите со Скопје во последните девет или десет години по ред.

– На нашите европски партнери јасно им ја пренесовме нашата позиција. Сметаме дека отпочнувањето на преговорите би било многу корисно – вели Палмер.

Тој додава дека Македонија, се разбира, може да помогне во својата кауза, продолжувајќи да ја следи агендата за реформи за спроведување на новиот закон за специјалното обвинителство.

– За тоа прашање во тек се консултативни преговори во Скопје. Ние би сакале да бидеме партнери со владата во Северна Македонија за поддршка на реформската агенда. Би сакале да ѝ помогнеме на таа земја да оди напред – вели Палмер во интервјуто.

САД се надеваат дека Македонија ќе оди напред на патот кон НАТО и дека идеално би било земјата да стане 30. членка на Алијансата во декември.