Селото Довезенце, кое се наоѓа на 25 километри од Куманово, во правецот кон Крива Паланка, и е во непосредна близина на селото Клечовце, во моментот има педесетина куќи, со околу двесте постојани жители, но во летните месеци поради 80-те викендички, во некои моменти, ја надминува бројката од 400 жители. Паднатиот мост на реката, поради својата специфика и местоположба, има големо влијание врз секојдневниот живот на жителите, бидејќи го дели селото на два дела, a проблемите се појавуваат најмногу во периодите од годината кога водостојот на реката, било поради топењето на снегот или поради обилните врнежи, е зголемен до толкава мера што водата комплетно го покрива мостот. Со тоа во моментот се прекинува секаква комуникација меѓу жителите од двата дела на селото. Меѓу најгорливите проблеми што ги мачат селаните во таквите периоди од годината, кои понекогаш знаат да траат и по цел месец и повеќе, се набавката на основните животни продукти од селската продавница, секојдневниот откуп на млекото, посетата на селската црква, а понекогаш, и тоа во многу ретки случаи, проблемите кулминираат и одат до таа мера што при евентуална смрт на жител на селото семејството не може да го пренесе на другата страна од реката, на која се наоѓаат селските гробишта. Во тие морбидни ситуации жителите на селото се принудени да користат и тешка механизација, и тоа само благодарение на фирмите што во моментот работат на изградба на пругата кон Република Бугарија.

Од страна на жителите на селото уште во далечната 1978 година е изработен комплетен елаборат, кој никогаш не бил одобрен, и е доставен на увид на општината Куманово. Но до ден-денес никој од општината, па дури и од државата, не пројавил интерес да им излезе во пресрет и да им помогне на жителите на селото Довезенце. Во 2001 година селаните со бетонски носачи од срушен мост покрај автопатот, кај населбата Карпош во Куманово, сами си изградиле каков таков функционален мост, кој, за жал, издржал само десет години, а кој сега, во последните шест години, стои паднат и во одредени периоди од годината на жителите на селото им создава големи и сериозни проблеми.

Од друга страна, пак, според информациите од одделението за урбанизам при општината Куманово, велат дека во целост се запознаени со проблемот и дека во случајот станува збор за комплексна и скапа инвестиција. Случајот не можел да се реши без претходно изработена комплетна техничка документација, за која општината треба да објави тендер. По целата постапка, ќе се пристапи кон изградба на квалитетен и траен мост со дваесет метри должина и три метри ширина. За изградба ќе биде потребно доста време, но, секако, и затворена финансиска конструкција, која, се разбира, не е мала. На жителите на селото Довезенце, пак, им останува само да се надеваат оти тоа ќе започне и ќе заврши во најкраток можен временски рок. Т.Д.