На 12 илјади вработени, осигуреници на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и идни пензионери, кои се во двостолбниот пензиски систем повеќе години не им биле префрлани средствата во вториот столб, со што секој од нив поединечно изгубил околу 400 илјади денари. Пакетот документи од анализата, со која се утврдила состојбата, ќе бидат доставени до Основното јавно обвинителство. Владата, пак, во буџетот за годинава обезбедила 19 милиони евра за да ги обесштети овие граѓани.

– По направената анализа на пензискиот систем заедно со меѓународните финансиски институции се утврди скандалозна неправда што се однесува на 12 илјади осигуреници или идни пензионери. На овие 12 илјади лица воопшто придонесите не им биле префрлани кон вториот столб иако работодавецот го уплаќал придонесот.

Финансиските средства останувале во пензискиот систем во првиот столб. Секој од овие граѓани со просечна плата меѓу 2007 и 2018 година изгубил околу 400 илјади денари – рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Таа појасни дека по утврдената состојба со пакетот законски измени, кои ги понудило МТСП за стабилизација на пензискиот систем, се создала можност на овие граѓани да им се вратат средствата или да се обесштетат.

– Обезбедивме 19 милиони евра во 2019 година со намера, не само да се вратат придонесите што не им биле префрлани во вториот столб, туку и приносот што требало да го остварат во изминатиот период – рече министерката.

Овие осигуреници во наредниот период ќе добијат писма од пензиските друштва и од МАПАС дека се распоредени и имаат индивидуална сметка, со што се овозможува да имаат целосна пензија кога ќе се пензионираат.

Министерката рече дека станува збор за релативно млада група работници или осигуреници, во најголем дел на околу 40-годишна возраст, со први вработувања. Меѓу осигурениците има вработени и во јавниот и во приватниот сектор. Најголемите задршки, според Царовска, биле правени меѓу 2009 и 2010 година.

Таа не сакаше да коментира на што се должи и кој е одговорен за ваквото непрефрлање на средствата на осигурениците. Ќе ги доставиме сите документи до ОЈО, рече, кое треба да истражи зошто во тој даден период средствата не биле распоредувани и каде завршувале.

– Пензискиот систем се вклучува многу институции, Агенцијата за вработување на РМ, МАПАС, Фондот за ПИОМ и други, кои требало да утврдат дека тоа се случува и да преземат нешто. Пензискиот систем е сложен и голем систем, затоа сакам ОЈО да го истражи ова, да навлезат во системот, зошто и кога почнало и каде е одговорноста, ако утврдат – рече Царовска.