Делегација на Владата учествува на 43. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Баку, Азербејџан, на која ќе се дискутира за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот регион.

Делегацијата, што ја предводи министерот без ресор Едмонд Адеми, а во која уште се и заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, за време на сесијата на Комитетот, ќе има средби со високи претставници на Центарот за светско наследство на УНЕСКО, со делегациите на земјите членки меѓу кои Кина, Бразил, Босна и Херцеговина, како и со претседавачот на Комитетот, Абулфас Гарајев, министер за култура на Азербејџан.

Делегацијата ќе има средби и со колегите од Република Албанија, во насока на заедничко делување и управување со Охридското Езеро и неговотo опкружување.

– За време на 43. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Владата ќе го нагласи и афирмира ставот дека e комплетно посветенa на зачувување на статусот на Светско културно наследство на Охридскиот регион, кој не ѝ припаѓа само на Македонија, туку на целиот свет – соопштија од Владата.