Охридското Езеро го задржува статусот на УНЕСКО, соопшти министерот за животна средина, Насер Нуредини по денешната сесија на Комитетот на УНЕСКО. Тој се заблагодари за одобрувањето на дополнителен период за завршување на започнатите работи и потполно исполнување на добиените препораки.

– Посебна благодарност до Босна и Херцеговина и Руската Федерација за поддршката во овие заложби, како и на делегациите на Кина, Саудиска Арабија, Унгарија и Шпанија. Истотака благодарност до колегите од Австралија и Норвешка за континуираните пријателски совети и поддршка – рече Нуредини.

Нагласи дека е задоволен што Охридското Езеро и регионот ќе имаат можност да го задржат својот статус и ќе се добие на време за властите да ја комплетираат заштитата на ова природно и културно светско наследство.

– Сепак, ова значи дополнителна одговорност, затоа сега е време навистина да работиме заедно и да се осигураме дека во иднина нема да се најдеме во ваква ситуација. Затоа ги поканувам сите чинители, приватниот сектор, локалната самоуправа, сите граѓански организации – порача Нуредини.