Комитетот за светско наследство на УНЕСКО го одложи гласањето Охридскиот Регион да се стави на Листата на светско наследство во опасност, поради тоа што за оваа одлука денеска немаше консензус меѓу делегациите што учествуваат на 44-та седница на Комитетот во Фужоу, Кина.

Националната комисија на УНЕСКО на Босна и Херцеговина предложи на Центарот и советодавните тела на УНЕСКО да им дадат на Македонија и Албанија дополнителни две години да постапат по препораките содржани во Реактивните мисии на Комитетот за Светско наследство на ОН, за да се избегне поместување на Охридскиот регион на листата Светски културни и природни богатства во опасност.

На заседанието Националната комисија на УНЕСКО на Босна и Херцеговина достави амандман и го образложи својот предлог со потреба да се охрабрат Македонија и Албанија во напорите да ги исполнат претходните ивештаи.

Предлогот за измена на амандманите беше поддржан од неколку земји: Русија, Унгарија, Саудиска Арабија, Кина и Гватемала. Исто така беше посочено дека изминатите години Охридскиот регион исполнил дел од препораките содржани во извештаите на последователните реактивните мисии, додека голем број од нив воопшто не биле адресирани.

Претходно, 34 организации и граѓански здруженија од Македонија и Албанија испратија писмо до Комитетот за светско наследство во кое побараа Охридскиот регион да биде впишан на Листата на светски наследства во опасност.