Министерството за внатрешни работи му даде отказ на Зоран Ѓорѓиевски, кој беше вработен како советник во Кабинетот на министерот во периодот на техничката влада, кога на чело на МВР беше Наќе Чулев.

Оваа одлука е донесена по спроведената дисциплинска постапка против него откако на денот на предвремените парламентарни избори, во јули беше снимен како го пцуе и се обидува физички да го нападне командирот од Тетово, Зоран Талев.

Дисциплинската комисија утврдила дека на 15 јули (ден кога се одржаа парламентарните избори) околу 15,30 часот во Тетово, државниот советник З. Ѓ. отишол на местото каде се вршел увид на сообраќајна незгода, каде што се наоѓале командирот З.Т. и уште двајца полициски службеници, и на дрзок начин со навреди и пцовки се нафрлил врз З.Т. и се обидел физички да го нападне. Државниот советник насилнички се однесувал кон командирот З.Т.. и со таквото однесување го нарушил угледот на командирот З.Т. и угледот на Министерството за внатрешни работи, постапувајќи спротивно на Упатството за начинот на однесување и меѓусебните односи помеѓу полициските службеници.

Во врска со настанот било постапено од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, за што бил изготвен извештај од 20.07.2020, согласно кој е поднесена и кривична пријава до Основното јавно обвинителство за ГОКК.

Овој акт е уште еден показател на цврстата определба на МВР да има нулта толеранција за однесување спротивно на правилата и прописите на Министерството, а насилничкото однесување и предизвикување на неред да бидат најостро санкционирани. Полицијата е чувар на јавниот ред и мир, па оттаму МВР нема да дозволи полициски службеник да биде иницијатор и главен актер во негово нарушување. Напротив, полициските службеници треба да бидат пример со своето однесување. Заврши времето на неказнивост на луѓе на високи позиции само затоа што се дел од одредена политичка елита. Законите важат еднакво за сите граѓани.