ПрајсвотерхаусКуперс (PwC) и Фондацијата за демократија на Вестминстер објавија повик за истражувачки стории кои ќе ги користат извештаите на Државниот завод за рецизија како извор на информации.

Повикот е во рамки на проектот „Зголемување на отчетноста и транспарентноста во Македонија преку подобрена имплементација на препораките од Државниот завод за ревизија“ поддржан од Владата на Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска преку Фондот за добро владеење на Велика Британија (Good Governance Fund – GGF).

Проектот има за цел подобрување на имплементацијата на препораките од ДЗР преку проценка и зајакнување на институционалните механизми за нивно следење, зголемување на неговите капацитети за стратешка комуникација со јавноста, медиумите и другите релевантни институции и работа со медиуми и граѓански организации со цел зајакнување на нивните капацитети да ги користат овие информации.

Во рамки на овој повик предвидено е да бидат поддржани до пет истражувачки стории кои во својата основа треба да се базираат на информации кои произлегуваат од извештаите на Државниот завод за ревизија, објавени на нивната веб страна www.dzr.mk. Предност ќе биде дадена на стории кои што ќе користат ревизорски извештаи од ревизии извршени во рамките на годишната програма на ДЗР за 2018 и 2017.

Повикот за истражувачки стории е отворен за сите новинари без разлика дали се вработени или не. Услов за аплицирање е новинарот да има воспоставено соработка со граѓанска организација, која што работи во полето што ќе биде покриено со истражувачката сторија.

Истражувачките стории мора да бидат завршени и публикувани најдоцна до 1 февруари 2019.

Краен рок за испраќање на апликации е 19 август 2018 година, до 23.59. Дополнителни информации за повикот и документите за аплицирање треба да бидат испратени на адреса: [email protected] со напомена: Повик за истражувачки стории.