Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, и градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, ја посетија новата канцеларија за социјални работи во општината.

– Изминатите две и пол години работевме на приспособување на системот на социјална заштита на потребите на граѓаните. Овие канцеларии се резултат на грижата за секој граѓанин на едноставен и достапен начин да побара социјална помош или кое било друго право од системот на социјална заштита. Социјалната реформа значи промена на пристапот до граѓаните, еднаква грижа за секој граѓанин – рече Шкријељ.

Градоначалникот Мицевски ги повика граѓаните за сите проблеми од областа на социјалната заштита да се обратат во новата општинска канцеларија за социјални работи.

– Општината и оваа година работи по усвоената програма за социјална заштита. Во исто време оваа општина е една од првите во која се формира Совет за социјална заштита, со цел да овозможи институционално решавање на проблемите – изјави градоначалникот Мицевски.

Општина Крива Паланка во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги ќе добие и нова градинка, во која згрижувачкиот и воспитно-образовниот процес ќе се реализира за 100 деца. Со цел да се обезбеди квалитетна услуга за згрижување на децата, што е важна компонента во раниот детски развој и истовремено овозможува активација на родителите на пазарот на труд, МТСП во буџетот за 2020 година издвои 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градинки, а изминативе две и пол години беа инвестирани над 180 милиони денари.

Дополнително, 15 милиони евра се обезбедени од Светската банка за отворање нови капацитети за згрижување деца, со што во следните четири години ќе бидат отворени 7.500 места за деца во градинките, а опфатот на деца во предучилишно образование ќе се зголеми на 60 отсто.