Фото: Игор Бансколиев

Документарната изложбата „100 раритети на руската државност“ денеска се отвори во Музејот на македонската борба, по повод Денот на народното единство на Руската Федерација.

На свеченото отворање на изложбата беше изразено задоволство поради можноста и граѓаните на Македонија поблиску да се запознаат со историскиот развој на Руската Федерација. Беше изразено уверување дека особен интерес кај посетителите, меѓу другото би предизвикале и кирилските текстови, кои сведочат за длабоките врски на Русија со словенските народи. Ваквите настани го потврдуваат длабокото пријателство меѓу двете држави, кое е поврзано со афирмацијата и зачувувањето на духовните вредности и културни стремежи. Уникатните документи, кои се дел од оваа поставка, за првпат беа претставени лани во Москва на изложба реализирана по повод одбележувањето на 100 годишнината од државната архивска служба во Русија.

Организатори на изложбата се Федералната архивска агенција, Државниот архив на Руската Федерација и Амбасадата на Руската Федерација во Македонија.