Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во канцеларијата на Народниот правобранител од денес почна да функционира бесплатна телефонска линија 0800 54321 на којашто граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на нивните права за време на пописот на населението, домаќинствата и становите, како и за локалните избори што ќе се одржат во октомври.

– По пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш, односно нема да биде следена вообичаената постапка за поднесување претставка, туку претставки ќе се составуваат телефонски. Важно е да се истакне дека Народниот правобранител правата на граѓаните ќе ги штити со барање брзо и ефикасно постапување од надлежни органи во процесот на пописот и изборите и од другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на загарантираните права на граѓаните – се наведува во соопштението.

Народниот правобранител ги охрабрува граѓаните доколку сметаат дека им е повредено некое од правата да се јават на бесплатниот телефонски број. Телефонската линија ќе функционира во текот на времетраењето на пописот и двата круга од локалните избори.