Заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу денеска во Mинистерството за внатрешни работи од заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф, прими дел од донацијата од Договорот за донација меѓу Министерството за внатрешни работи на Македонија и Сојузното министерство за внатрешни работи, градежништво и татковина на Сојузна Република Германија потпишан на 10.10.2019. Станува збор за осум возила „дачиа дастер“, во вкупна вредност на од 129.200 евра, со што вкупната вредност на донирани средства досега изнесува 1.082.285 евра.

– Би сакал да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на Сојузна Република Германија за поддршката на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија во вид на донации на техничка помош и возила, со кои значително се подобри операбилноста на нашата полиција, а особено на граничната полиција во вршењето надзор и унапредување на безбедноста на државната граница, како и во насока на успешно справување со предизвиците од илегалната миграција – рече заменикот Нухиу на состанокот по повод примопредавањето на донацијата.

– Со тоа уште еднаш се потврдува нашата одлична соработка, како и заедничките заложби за справување со предизвиците од заканите по јавната безбедност, како и справување со предизвиците од илегалната миграција, што се поедноставува со потпишувањето на Договорот за соработка во борбата против криминалот помеѓу нашите две држави. Тоа е од особена важност за нас како држава, но и за регионот на Западен Балкан и Европа воопшто – истакна заменикот Нухиу.