Од утре почнува второто полугодие од учебната 2018/2019 година за сите ученици од јавните и приватните основни и средни училишта во сите општини во Република Македонија.

Како што соопшти денеска Министерството за образование и наука, одлуката за почеток на второто полугодие е според препораките на Интерсекторската работна група за следење на состојбата со квалитетот на амбиенталниот воздух.

Од утре престануваат да важат и мерките и препораките за заштита од загадувањето што ги воведе завчера Владата, бидејќи концентрациите на ПМ10 честичките се под дефинираниот праг на алармирање.

-Согласно податоците од ДАМСКВ на ден 21.01.2019, среднодневните концентрации на РМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 188  микрограми на метар кубен и епизодата од два последователни дена е прекината во Скопје на мерните места Центар, Карпош и Ректорат, Миладиновци, Битола на мерните места Битола 1 и Битола 2, Гостивар и Тетово, информираат од Владата на Република Македонија.

Град Скопје информира дека денеска од 18 часот се укинува бесплатниот јавен превоз по добиените информации од Министерството за животна средина и просторно планирање дека среднодневните концентрации на ПМ10 честички во воздухот се под дефинираниот праг на алармирање од 200 микрограми на метар кубен и оти епизодата со зголемено загадување во текот на два последователни дена е прекината.