Со своите убавини и богатства, Шар Планина е едно од најзначајните подрачја за зачувување на природата не само во земјава, туку и на регионално и на Европско ниво, поради што таа треба да биде прогласена за Национален Парк, истакна заменик – претседателот на Владата, Бујар Османи, пред голем број амбасадори, претставници на меѓународни организации, градоначалници и други гости во шарпланинската област Шипковички бачила.

– Верувам дека само оној кој што ја познава својата земја, само оној кој ги познава убавините на својата земја, само тој искрено си ја сака и си ја чува земјата. Како предводник на европските интеграции, дозволете да ја пренесам пораката која ја сметам за сублимат на сите посетиnaевропските метрополи, порака која буквално секаде ја добивам а тоа е – Република Северна Македонија ги исполни обврските, земјата заслужува напредок во европските интеграции, и затоа во октомври Европската унија ќе го исполни својот дел обврската и ќе ги почне преговорите со нашата земја, за полноправно членство во овој Сојуз – рече вицепремиерот Османи.

Тој истакна дека Европската Унија е многу повеќе од само сојуз на држави; таа е збир на стандарди, правила, но уште повеќе збир на идеи и вредности. Како што наведе, една таква благородна идеја е и заштитата на природата, нештоштопретставува и врвен приоритет на Финското претседателство со ЕУ, на глобално ниво, во насока на заштита на земјата од климатските промени.

– Тука сме во сличен контекст, да употребам стручен термин – во насока на промоција на „зачувувањето на биодиверзитетот“. Во овој сегмент, еден од условите што Република Северна Македонија треба да ги исполни како идна членка на ЕУ е да ги задоволи пропишаните европски регулативи во врска со зачувување на биодиверзитетот, односно обезбедување степен на заштита на барем 12 проценти од вкупната своја територија. Но, дозволете да испратам друга порака. Ајде за оваа идеја, за оваа вредност или стандард да одиме чекор понатаму. Ајде да го заштитиме биодиверзитетот на уште поголеми пространства, и да со тоа да бидеме убавиот дел од Европа – рече Османи.

Моментно, нивото на заштитени подрачја во земјава зафаќа околу 9 отсто и токму прогласувањето на овој, шарпланинскиот регион, за Национален Парк овој процент би пораснал на 12.