Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари видео средба со Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Каират Абдракхманов.

– Високо ја цениме соработката со Канцеларијата на ВКНМ на ОБСЕ за што сакам да ја реафирмирам подготвеноста на Владата и натаму да продолжиме уште поинтензивно со оваа соработка, особено за време на нашето идно претседавање со Организацијата за безбедност и соработка во 2023 година – истакна Османи.

Исто така, беа разменети мислења во врска со активностите на ОБСЕ, актуелните предизвици со кои се соочува Организацијата во областа која ја покрива Високиот комесар, како и за модалитетите за поефикасно справување со овие предизвици, информираат од кабинетот на Османи.

Тој се заблагодарил на поддршката што Канцеларијата на ВКНМ ја дава на нашите институции во насока на континуирана поддршка за поголема инклузивност и подобрување на севкупниот статус на припадниците на турската, ромската, српската, влашката, бошњачката, како и другите помалите заедници во државата.

– Разменивме мислења за соработката и поддршката во подготовката и спроведување на Владините политики со кои се обезбедуваат сеопфатни инструменти за градење на современа и предвидлива иднина, која ги промовира основните вредности на различноста, вклученоста, почитувањето на човековите права, еднакви можности за жените и мажите, владеење на право, демократија и културата на мирот и дијалогот – потенцираше Османи.