Вицепремиерот Бујар Османи смета дека со заклучоците на Советот на ЕУ Македонија добила јасен патоказ за членство во Унијата. Јуни 2019 година како датум, вели тој, е термин кој е најповолен за Македонија со оглед на двата процеси што треба да ги води, скринингот како подготовка за преговори од една и референдумот, промената на уставот и претседателските избори од друга страна.

– Добивме тоа што 17 години го очекуваме – јасен патоказ за членство во ЕУ, односно подготовка за отворање преговори во јуни 2019 година, со тоа што на тоа претходи процес на скрининг да видиме до каде сме. Било кој вокабулар да беше употребен пораката е јасна – следи подготовка со цел отворање преговори со ЕУ- рече Османи, во вечерашното интервју на телевизија Телма.

Јас да бев прашан, додаде тој, не би посакал датум порано од јуни. Не би било возможно, затоа што скринингот е многу сложена операција која не може да спроведе за неколку месеци.

Во однос на дебатата во Советот на ЕУ во Луксембург, и противењето на одредени земји на Македонија да и се додели датум, Осами истакна дека тоа не го рефлектира нивниот однос кон Македонија и она што го прави таа, туку на нивниот став околу проширувањето.

Македонија, вели тој, го фати патот, се врати. Доколку не успееме со референдум тогаш за Македонија ќе се отворат проблеми не само во јуни, туку и понатаму во фазите од процесот.

Во врска со најавениот референдум, вели дека се уште не е јасно што ќе се избере како прашање, но оти е уверен дека ќе се најде најдобрата варијанта.

– Осумдесет отсто од граѓаните сакаат членство во ЕУ и НАТО, дека најголем дел од нив сметат дека со Договорот со Грција се заштитува нивниот културен и јазичен идентитет. Наше е како политика да најдеме форма како да успее ова суштина- рече вицепремиерот.

Одлуката на референдумот, според него ќе влијае на иднината, па, како што рече дури и на судбината на земјата.

Во врска со одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го потпише указот за Законот за ратификација на Договорот со Грција, Османи вели дека тој на таков начин се става над законите и оти се прави лош преседан. Во парламентарна демократија, рече, последниот збор треба да го има Собранието, а не претседателот.