Демократската унија за интеграција бара решение за надминување на несогласувањето со претседателот Стево Пендаровски по назначувањето на Ерол Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање. Партијата побара претседателот да ја преиспита одлуката.

– Имав средба со претседателот минатата недела. Разговараме и сме во комуникација да најдеме решение за ова прашање – изјави денес вицепремиерот Бујар Османи.

Од Демократската унија за интеграција изјавија дека назначувањето на Муслиу за директор ги вознемирило. Нивниот став е дека додека не се расветлат настаните околу „Диво насеље“, ниту еден човек кој бил дел од службите на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, не треба да биде на чело на такви институции.

Муслиу бил кандидат за истата функција во 2011 година, но на барање од ДУИ бил повлечен од листата кандидати за директор на Агенцијата.