Се забележува една невообичаена зголемена активност од сите земји членки за Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи, додавајќи дека, сепак, не може да каже точно каков ќе биде исходот од самитот на ЕУ и дали ќе ги почнеме преговорите со Унијата, бидејќи присутни се разликите со Бугарија.

– Ја слушнавме позицијата на Макрон и другите лидери. Прашањето за овој регион се сведува на Северна Македонија. Ако не се одговори позитивно, се создава сомнеж во регионот за проширувањето на ЕУ – вели Османи.

Тој потенцира дека Владата и на билатерална основа комуницира со Бугарија, а дипломатите на двете држави се обидуваат да ја организираат втората меѓувладина комисија и да го договорат акцискиот план, ако биде изнајден договор.

Единствениот предлог на маса, како што рече Османи, е португалскиот, за којшто Владата смета дека е добра основа за решение. Предлогот предвидува мониторинг од страна на ЕУ на имплементацијата на Договорот за пријателство од 2017 преку патоказ којшто има јасни рокови и институции одговорни за имплементација, а којшто ќе биде мониториран во рамки на Советот за асоцијација и стабилизација, што се одржува еднаш годишно. Секој заклучок од Советот мора да биде одобрен со консензус од сите земји членки, објасни Османи.

– Владата не бега од обврските за исполнување на Договорот за добрососедство и без ЕУ мониторинг. Сепак, доколку тоа значи повеќе доверба на Бугарија дека имплементацијата ќе биде одржлива, тогаш Советот за асоцијација и стабилизација е добро решение – рече Османи.