Лидерите на двете најголеми партии од владејачката коалиција, Зоран Заев и Али Ахмети ги договараат министерските смени по најавената метла од премиерот. Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи денес извести дека се работи посебно на смени во областа на економијата.

– Метлата не е принцип кој што ДУИ го користи, но да, претседателот Ахмети и претседателот Заев разговараат за зајакнување на капацитетите во пресрет на новото поглавје, новиот фокус на Владата, а тоа е економијата – рече Османи одговарајќи на новинарско прашање кои функционери на ДУИ се очекува да бидат опфатени со метлата на премерот.

Премерот Заев најави дека во следните две недели ќе ги објави имињата на оние кои ќе бидат сменети од сегашните функции како и оние што ќе бидат назначени за нивно извршување. Тој рече дека ќе ги смени сите функционери кои се однесувале арогантно, биле неисполнителни и граѓаните имале негативни реакции за нив.