Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вели дека веќе над 25 илјади државјани кои се надвор од Македонија се попишале на пописот.

– Според информациите кои ги имаме пописот се одвива тековно, има заинтересираност на нашето нерезидентно население да се попишува. Бројките се оптимистички по однос на одзивот на граѓаните за самопопишување – вели Османи.

Тој оствари средба со претставниците на верските заедници во Македонија и вели дека тие можат да одиграат важна улога во овој процес.

Во моментов се уште се регрутираат лицата кои ќе го спроведуваат пописот, а во тек е и тестирање на коронавирус на пријавените.

– Првиот оглас за учесници во пописот заврши минатата недела, констатиравме дека во некои региони немаме доволно кандидати и пуштивме уште еден оглас кој ќе заврши во недела – вели Апостол Симовски од Државниот завод за статистика.

Симовски вели дека е среќен што постои разбирање кај сите верски заедници во Македонија.

Според него, сите учесници во пописот ќе мораат да ги почитуваат протоколите за заштита од ковид-19.