По повод одбележувањето на годишнината од зачленувањето на Македонија во НАТО, Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ги собра на тематски работен состанок шефовите на ДКП-та на Македонија акредитирани во Земјите членки на ЕУ и постојаните претставништва во ЕУ и НАТО.

– Достојно и на ниво на задачата ја претставуваме земјата во НАТО, со целосен технички и кадровски капацитет во нашата мисија, онака како што доликува на една земја – членка на Алијансата. Токму овој јубилеј беше една од причините зошто денес ги повикав Шефовите на Дипломатско конзуларните претставништва на нашата земја, акредитирани во земјите членки на ЕУ. Денес со нашите амбасадори не само што ќе ја одбележиме годишнината, туку и суштински ќе го анализираме досега сработеното; ќе направиме рекапитулар, или еден вид пресек на нашето членство во НАТО, и секако, ќе ги определиме и насоките за идното наше дипломатско делување како полноправна членка на Алијансата – истакна Османи.

Во однос на европските перспективи на земјата, Османи посочи:

– Секако дека високо на Агендата на овој наш тематски состанок ќе биде и европското досие на земјава. Очекувам да добијам прецизни информации за политичките состојби и ставовите на земјите-членки на ЕУ во кои Амбасадорите се акредитирани. Околностите се такви што во следни два месеци ни се отвора прозорец на можности кој води до јунските самити на ЕУ. Тоа се неполни три месеци, период во кој очекуваме засилена дипломатска активност и од страна на европската администрација, но и од самите земји – членки на Унијата, а во насока на заокружување на нашето европско досие и почеток на преговорите. –

Во попладневните часови на тематскиот работен состанок ќе се одржат и посебни сесии со Претседателот, Стево Пендаровски, Премиерот, Зоран Заев и Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров.