Бугарските граѓански здруженија треба веднаш да ги контактираат пописните органи и да си побараат соодветна графа во пописот, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи, во врска со реакциите на правата на бугарската заедница во Македонија, додавајќи оти земјава има исклучително успешен модел на мултиетничко општество и никој не смее да ги загрозува правата на бугарската заедница.

– Претставниците на овие здруженија уште веднаш треба да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница. Тоа би придонело при формирањето на идните политики и на Владата и на соодветните единици на локалната самоуправа и воопшто на државата – вели Османи.

Бугарскиот претседател Румен Радев пред два дена имал средба со шефовите на специјалните служби на која побарал да преземат мерки за заштита на Бугарите во  Македонија, на што реагираа претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев, со порака дека Македонија и Бугарија се сојузницички во НАТО и дека не е потребно вклучувањето на специјалните служби по ова прашање.