Органското производство во Македонија во последните три години бележи значителен пораст како по бројот на сертифицирани субјекти (правни и физички лица) така и по сертифицирани површини на кои се организира ваквиот вид производство. Најмногу се застапени површините на кои се одгледуваат житните, фуражните, па овошните култури, потоа следува виновата лоза, а најмалку се застапени градинарството, лековитите и ароматични билки и маслодајните култури. Забележан е и пораст на извоз на органските производи како за свежите и преработени шумски плодови – печурки, лековите ароматични билки и слично. Расте и бројот на преработките од овошје, зеленчук и житарки, а, од друга страна, се зголемува бројот на компании што вршат трговија и увоз на производи што го носат логото за органско производство. Ова се должи на развојот на свеста кај граѓаните и промената на навиките кај потрошувачите, кои сѐ повеќе внимаваат на храната што ја консумираат и на заштитата на животната средина, како и на јакнењето на локалната заедница, што е основната определба на органското движење во светот.

Меѓутоа еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат земјоделците е тоа што тешко доаѓаат до информации за тоа што значи органско производство и како да го сертифицираат своето производство. Како проблем на малите производители останува слабо развиениот домашен пазар во делот на логистиката и доставата на сезонски органски производи во помали количества до потрошувачите, кои најчесто не знаат каде да ги набават. За тоа кои култури најуспешно може да се одгледуваат во Македонија зборува Горан Колев од „Процерт“, тело што е акредитирано и овластено за сертифицирање органски производители.

– Најлесни, условно кажано, култури за одгледување во согласност со принципите за органско производство се житните и фуражните култури. Но со правилен избор на локации, како и правилен избор на сорти што се отпорни на болести и штетници, релативно лесно можат да се одгледуваат и овошните култури и виновата лоза. Интересно е тоа што во некои лозарски реони во Тиквешијата постојат производители што и сега произведуваат во согласност со начелата на органското производство, но поради неинформираност за бенефициите од органското производство, истото тоа тие не го сертифицираат. Градинарските органски производи и лековитите и ароматични билки се најмногу барани на пазарот во Македонија и надвор од неа, но се најтешки за производство, затоа што бараат ангажирање работна рака и механизација во поголем обем, за разлика од другите гранки од растителното производство. Она што со сигурност можам да го кажам е дека побарувачката на органско производство како во светот така и кај нас расте со огромна брзина, на што укажува фактот што во секој град има по неколку продавници за здрава храна што опстојуваат и од ден на ден сѐ повеќе ја зголемуваат понудата во нив – вели Колев.

Купувачот, пак, според Колев, може да знае дали производот е органски доколку производителот поседува сертификат за органско производство. Друг начин е доколку потрошувачот се обрати до сертификациското тело што го издало сертификатот и се информира дали конкретниот производител поседува сертификат за производот што го продава.

Колев уверува дека органското производство во Македонија има перспектива.
– Македонија и сега е извозник на органска храна, пред сѐ шумските плодови и самоникнатите билки, кои се со екстра-квалитет, преработки од овошје и зеленчук, но и култивираните лековити и ароматични билки, а од поново време и овошките и трпезното грозје. Отворена понуда постои за органски градинарски производи, пред сѐ индустриска пиперка, која се бара во неограничени количества. Од оваа перспектива веќе имаме конкретни производители што влегуваат во сертификација за своите површини да ги конвертираат во органски површини, за што има предвидено период на премин од две години – објаснува Колев.

И како што заклучува Колев, поголем број чинители од агробизнисот ги согледале можностите на органското производство, што го потврдува фактот дека сѐ поголем број сериозни компании го конвертираат своето производство кон органско, во земјоделските аптеки веќе се јавуваат одделни рафтови со органски додатоци, во менијата на полуксузните угостителски објекти се нудат органски производи, па дури и туризмот бележи напредок со тоа што веќе постојат аранжмани што предвидуваат посета на органски фарми.