Невладината организација „Цивил“ најостро ја осудува појавата на организирање борби меѓу малолетници во скопски Капиштец. Особено загрижува фактот што не се работи за еден изолиран случај, туку за континуиран процес, добро организиран, за кој меѓу другото постои и ценовник, 20 денари за гледање и 300 денари за снимање со телефон, со обложување.

Оваа појава мора да се сфати крајно сериозно, а институциите веднаш да реагираат соодветно на законските одредби. Потребна е итна истрага за мотивите и заднината на ова организирано насилство и злоупотреба.

„Цивил“ бара итно да се пронајдат организаторите на овие борби, како и сите учесници во инцидентите што се снимени и објавени на социјалните мрежи. Истовремено, „Цивил“ ги повикува директорите на училиштата, педагозите, психолозите и стручните служби, како и советите на родителите, да преземат итни и решителни мерки за ефикасно надминување на оваа немила појава.

Невладината организација бара преземање решителни и остри дисциплински мерки за сите инволвирани, но и поведување истрага и законски санкции за сите што овие инциденти ги овозможиле, мотивирале или не реагирале соодветно на своите надлежности. Таа ги повикува родителите сериозно да се ангажираат, да соработуваат со стручните служби и со надлежните институции, како што се полицијата и јавното обвинителство, и да се вклучат во решавањето на овој проблем.

Исто така, ги повикува Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат итно да се вклучат во справувањето со оваа закана. Организацијата алармира дека е загрижувачки и што на дел од видеата се гледа дека се присутни и возрасни лица. Инволвираните мора да преземат целосна одговорност!