Општините немаат доволно капацитети (човечки, финансиски, техничко-технолошки) за да организираат ефикасна инспекциска служба на локално ниво. Речиси нема општина во која се пополнети сите предвидени инспекторски позиции, па оттаму, во некои општини постои практика еден инспектор да врши инспекциски надзор во повеќе области, покажува истражувањето кое го спроведе НВО Инфоцентарот, во рамки на проектот „Граѓански мониторинг врз инспекциските служби на локално ниво“, поддржан од американската амбасада во земјава.

Со истражувањето е утврдено дека заради недоволниот број инспектори и капацитети, дури една третина од општините имаат склучено меѓуопштински договори за инспекциски надзор. Овие договори, како што се наведува, во некои општини даваат резултати, но често пати тие постојат само на хартија и се склучуваат само од формален аспект.

– Општинските инспектори се назначени од градоначалникот и нему директно му одговараат. Ова претставува опасност за интегритетот нa инспекторите односно претставува ризик од корупција. Ризикот од корупција е голем заради фактот што општините, во исто време, се и даватели на услуги и вршат инспекциски надзор над тие услуги. Затоа, инспекторите често се наоѓаат во „маѓепсаниот круг“ на политичките и бизнис влијанија, од една и законите, граѓаните и јавниот интерес, од друга страна.

Досегашното искуство на општинските инспектори покажува дека законската регулатива по која работат и постапуваат е нехармонизирана, а неретко и противречна. Најчесто, инспекторите се соочуваат со недоречености и противречности во законската регулатива при изрекувањето на прекршочните мерки и висината на казните. Руралните и малите општини, пак, сметаат дека законите кои се однесуваат на инспекцискиот надзор треба да се допрецизираат и тоа, во согласност со нивните потреби, можности и капацитети кои се разликуваат од оние на големите и на урбаните општини – се вели во извештајот.

Според општинските инспектори, еден од најголемите проблеми со кој се соочуваат се малите плати и надоместоци, кои не соодветствуваат на одговорноста и тежината на нивната професија. Тие, исто така, се покажало дека немаат соодветна опрема за инспекциски надзор, теренски возила, апарати за мерење бучава, заштитна облека и др. Дополнително, кога одат на терен во инспекциски надзор често се изложени на различни ризици (закани, па дури и напади од оние кои се предмет на инспекција) и не се чувстуваат безбедно и заштитено. Немаат осигурување, а некои инспектори се жалат дека надлежните институции или не реагираат, или се бавни. Едновремено, за инспекторите проблем во работата претставува и недоволната соработка со државните институции на национално ниво, стои во извештајот од истражувањето.

– Општините најчесто постапуваат по пријавите и претставките на граѓаните во периодот од една недела до еден месец. Најголеми причини за бавноста во постапувањето се недоволниот број инспектори, како и сложените и долги законски и административни процедури при инспекцискиот надзор. Многу општини не можат да организираат дежурства за време на викенди и празници, како и работа во смени. Дополнителна пречка за работата во смени претставуваат договорите за работа на инспекторите со кои не е предвидено сменско работење. Оттаму, дел од инспекторите истакнуваат дека е потребно да се направат измени во колективниот договор и во Законот за административни службеници.

Инспекторите немаат можност за надградба и усовршување на своите капацитети. Им недостига специјализација и континуирана едукација. Недоволната стручност и обученост на постојниот инспекциски кадар сериозно ја отежнува работата на општинските инспекциски служби и ја намалува нивната ефикасност – се додава во извештајот.

Според новиот Закон за инспекциски надзор, кој стапи во сила кон крајот на 2019 година, Инспекцискиот совет ќе им издава лиценци на локалните инспектори. Лиценцирањето ќе овозможи специјализација и едукација на инспекторите и ќе ја оневозможи практиката, еден инспектор да покрива повеќе области за инспекциски надзор. Едновремено, со законските измени ќе се зголемат платите на локалните инспектори за 10% во секоја од следните три години, а предвидено е и посебно осигурување во работата.

Oвие законски измени, сепак, не носат темелни реформи во поставеноста и функционирањето на општинските инспекциски служби.
Имајќи ја предвид постојната ситуација и досегашните искуства потребно е да се изгради подобар (нов) модел за локалните инспекциски служби кој ќе им овозможи тие да бидат целосно независни, функционални и ефикасни во заштитата на интересите на граѓаните и на заедницата во целина, покажува истражувањето.