Фото: Менде Младеновски

Градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски  со градоначалници од општините Могила, Крушево, Ресен, Долнени, Демир Хисар и Кривогаштани и Здружението за унапредување на демократските процеси Про Локал потпишаа Меморандум за поддршка и унапредување на демократските процеси во Пелагонискиот регион.

Целта на оваа соработка е преку имплементација на проектот „Зајакнување на луѓето во Пелагонија“ активно учество на младите луѓе од руралните средини и  зајакнување на демократските процеси на локално и регионално ниво.

-Со овој регионален проект низ практични чекори ќе се работи на унапредување на вредностите и принципите на демократијата на локално и регионално ниво и тоа со најважните целни групи во нашите општини-младите и граѓанскиот сектор. Проблемите со кои што се соочуваат младите во сите општини а особено во помалите рурални општини им се добро познати на сите. Миграција кон урбаните средини во земјата или во странство, недостапност на институционална инфраструктура, лимитирани можности за квалитетна социјализација, едукација и култура, негативни демографски трендови – рече Стевче Стевановски, градоначалник на Општина Новаци.

Со овој Меморандум секоја локална самоуправа потврдува дека ќе се залага за унапредување, поддршка и поттикнување на современите демократски процеси на локално и регионално ниво со посебен акцент на учество на граѓаните во креирањето на локалните политики.

– Програмата МАТРА е програма наменета за социјална трансформација и токму од оваа програма е финансиран овој проект. Вие младите кои седите во задните редови на следната работилница ќе седите напред затоа што вие сте иднината и носителите на трансформацијата и промените. Вие младите заедно со нас кои сме во костуми во првите редови ќе треба да научиме заедно да работиме и да наоѓаме заеднички решенија – рече Роберт Декер, вршител на должност во Амбасадата на Кралството Холандија.

M.M.