Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонскиот претседател Стево Пендаровски го подигна на повисоко ниво проблемот со загадувањето на воздухот, најавувајќи дека тоа ќе биде главна тема на следната седница на Советот за безбедност, а во таа насока беше и неговата вчерашна средба со претставници на невладини организации, од кои сакаше од прва рака да ги слушне забелешките и предлозите како да се најде решение за состојбата со загадувањето.
Иницијативата што ја презеде претседателот секако е потег за поздравување, бидејќи за проблемот што долго време се туркаше под килим.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски го подигна на повисоко ниво проблемот со загадувањето на воздухот, најавувајќи дека тоа ќе биде главна тема на следната седница на Советот за безбедност, а во таа насока беше и неговата вчерашна средба со претставници на невладини организации, од кои сакаше од прва рака да ги слушне забелешките и предлозите како да се најде решение за состојбата со загадувањето.
Иницијативата што ја презеде претседателот секако е потег за поздравување, бидејќи за проблемот што долго време се туркаше под килим сега ќе се разговара на високо државно ниво, што, од друга страна, значи и поголема вклученост на сите државни органи во борбата со загадувањето, како и поголема одговорност од надлежните.

На вчерашната средба претседателот Пендаровски најави неколку иницијативи, меѓу кои ставањето на заштитата на животната средина како точка на дневен ред на идната седница на Советот за безбедност, која ќе се одржи кон средината на следниот месец, промени во Стратегијата за одбрана и вклучување точки и мерки за еколошка безбедност во документот, заложба за зголемен државен буџет за заштита на животната средина на ниво на просекот на земјите на ЕУ, поддршка за формирање национален фонд за заштита на животната средина, како и вметнување задолжителен број часови за едукација, за учениците во основните и средните училишта за заштита на животната средина.

Во однос на барањето за ангажман на армијата во справувањето со загадувањето на воздухот преку нивно вклучување во патроли и ноќни дежурства, претседателот истакна дека внатрешниот ред во државата е надлежност на полицијата, а армијата е вклучена преку засадување нови садници на опожарените места, расчистување на опожарените места, пошумување, расчистување отпад од речни корита, селекција на отпад, активна обука и едукација на персоналот за грижа за животната средина. 


Малку пари, многу ПМ-честички

Според сите досегашни согледувања, токму брза и целосна гасификација на домаќинствата може да го реши проблемот со загадувањето на воздухот што е поголема, но неопходна инвестиција. Од друга страна, останувањето само на декларативни заложби за борба со загадувањето и разните планови на хартија за чист воздух се само празни флоскули, од кои граѓаните на оваа држава немаат никаква полза кога дури шест месеци во годината дишат екстремно загаден и смртоносен воздух

Скромни 100 милиони денари предвидува Владата во новиот предлог-буџет за 2020 година за борба против загадувањето на воздухот, што е само потврда дека државата не презема сериозни чекори за решавање на еден од најгорливите проблеми со кои се соочува.
Декларативните заложби за борба со загадувањето, разните планови за чист воздух, партиските програми во кои борбата против загадувањето е меѓу клучните точки пред секои избори, се само празни флоскули од кои граѓаните немаат никаква полза кога дури шест месеци во годината дишат екстремно загаден воздух.
Скопје, Тетово, Битола, Струмица станаа светски познати градови не поради некакви други достигнувања, туку според концентрацијата на ПМ-честички во воздухот, уривајќи европски и светски рекорди секојдневно.

Во време кога се очекуваше државата конечно од краткорочни да почне да преминува на долгорочни мерки против загадувањето, со предложената ставка за екологија во буџетот за 2020 година не се очекува некаков ефект, а ситуацијата со загадувањето во моментов ја спасуваат единствено повремениот дожд и ветерот.
Појаснувањата на властите дека ова се само дел од средствата, а дека уште пари ќе им бидат префрлени на одделни министерства, кои имаат програми поврзани со екологијата, не оставаат простор за оптимизам, знаејќи дека често буџетските средства од министерствата се пренаменуваат и завршуваат во други области што не се поврзани со првичната намена.

Најавите дека ќе се вложат 10 милиони евра од буџетот на ЕСМ за набавка на еколошки инвертери за 10.000 домаќинства е секако за поздравување, но и тоа спаѓа во делот на краткорочни мерки за чиј ефект ќе се дискутира во иднина.
Долгоочекуваната гасификација доцни, а последните најави се дека изградбата на примарната мрежа ќе заврши кон крајот на следната година, по што ќе започне да се гради секундарна мрежа, за што веројатно ќе поминат уште неколку години. Од друга страна, според сите досегашни согледување, токму брза и целосна гасификација на домаќинствата може да го реши проблемот со загадувањето на воздухот.

– Доколку Владата овој фискален простор го потроши на популистички мерки, како зголемување на платите и пензиите, субвенции и други непродуктивни расходи, ќе се пропушти можноста проблемот со загадувањето да се решава без фискални кастрења и со зачувување на буџетската стабилност. Одложувањето на неизбежните инвестиции во заштитата на природната средина во иднина може да бара многу поголеми жртви, како замрзнување на платите и пензиите, како и зголемување на даноците – сметаат познавачите на економските состојби.
Забелешки имаат и некои од политичарите, кои сметаат дека државата треба да одвои многу повеќе пари во борбата со загадувањето на воздухот.

– Сметам дека треба да се одвојат посериозни средства во борбата со загадувањето. Потребна е повисока сума за да се постигнат повидливи резултати во борбата со загадувањето – смета Маја Морачанин, актуелна пратеничка и претседателка на ДОМ.

Жестока реакција стигна и од дел од невладините организации и граѓански движења, кои сметаат дека борбата со загадувањето е ставена во втор план.
– За водовод, канализација, гасовод, пречистителни станици, депонии, сè живо заедно има пет милијарди денари. За Министерство за одбрана 10 милијарди денари. Значи катастрофалнава состојба со загадување на воздух, почва, води, депонииве што ни горат низ цела земја, отпадов во кој се давиме, историскиот опасен отпад, жешките точки, исечените и опожарени шуми, заштита на природата не е ни приближно важна како интеграцијата во НАТО. Илјадниците смртни случаи поради загадувањето, заболените, нека се множат и понатаму. Оваа војна свесно ја губиме, ама некојаси имагинарна идна и/или туѓа е многу побитна – револтирано реагираат од граѓанската иницијатива „О2“.

Фото: Маја Јаневска-Илиева