Фото: Игор Бансколиев

Владата на СДСМ и министерката за образование Мила Царовска, денес, на почетокот на новата учебна година, делуваат како да се затекнати од ситуацијата и буквално неподготвени учествуваат во еден организиран хаос во кој се наоѓаат учениците, родителите и наставниот кадар. Ова го истакна Иванка Василевска од пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

– Ова е особено трагично бидејќи во услови на пандемија на ковид-19, наводно декларираните протоколи за заштита од пандемијата се всушност осило на зараза во која ризикот и опасностите се директно врз плеќите на нашите деца и на наставниците и професорите кои се фрлени во една апокалиптична безизлезна ситуација. Вака поставената состојба уште на самиот почеток веќе ги покажа своите недостатоци. Јасно е дека во дел од општините денес немаше услови воопшто и да започне првиот училишен час. Бројката на заразени граѓани е енормно висока, а родителите чувствуваат страв и несигурност и има голем процент кои не се подготвени да ризикуваат и да ги остават своите најмили во опасност од заразување и другите трагични последици како резултат од истото. И сето тоа заради комплетната неспособност на власта да направи план и сериозна стратегија во интерес на граѓаните – рече Василевска.

ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да се засилат протоколите. Да се обезбедат брзи тестови за училиштата. Да се обезбедат таблет компјутери за учениците кои немаат и не можат да си дозволат да ги набават. Опозицијата бара и неотповиклива оставка од Мила Царовска и очекува итна реакција и овозможување на услови кои се издржани.

– Доколку власта не располага со стручни луѓе, ВМРО-ДПМНЕ е подготвено и може веднаш да испорача решенија за излез од оваа траорна состојба – додаде Василевска.