Одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот – Први мај годинава ќе биде онлајн, наместо со традиционалниот марш, поради мерките за ограничено движење, а барањата главно ќе бидат насочени кон тоа да се сочуваат работните места.

Мотото на првомајското одбележување на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), претставува „Здрави и безбедни работници, сигурни работни места, достоинствени плати и социјална заштита“.

ССМ, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и Конфедерацијата на слободни синдикати имаа слични барања за заштита на правата на работниците, изразувајќи загриженост за економските и социјалните состојби во државата.

Меѓународниот ден на трудот се празнува во знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго, САД, кога демонстрантите барале воведување осумчасовен работен ден. На првиот конгрес на Втората интернационала што се одржала во Париз во 1889 година, решено е секоја година на 1 мај да се одржуваат масовни демонстрации, во сеќавање на чикашките работници.

Денот на трудот е прогласен за неработен ден во Македонија од 2007 година, а до 2006 година неработни беа 1 и 2 мај.

Меѓународниот празник на трудот во државите од регионот се одбележува различно, со помали и воглавно симболични протести на синдикалците и со излети во природа. И во Македонија овој ден не се одбележува политички, но е синоним за подготвување на скара и за излети во природа. Во повеќето светски земји Први мај е прогласен за државен празник.