Злате Мехмедовиќ

Најзастапени причини за смрт во Македонија се болестите на циркуларниот систем,
кои учествуваат со 58,4 проценти, потоа неоплазмите со 18,3 проценти, ендокрините, нутритивните и метаболичките болести со 4,8 проценти, болестите на респираторниот
систем пет проценти и повредите

Во 2016 година, 56,9 милиони лица во светот, или повеќе од половина (54 проценти), починале како резултат на десетте најчести причини за смрт, објави Светската здравствена организација (СЗО). Срцевите болести, односно недостигот од циркулирање крв до ткивата е најчестата причина за смрт. Срцевите болести остануваат водечка причина за смрт на глобално ниво, во последните 15 години.

И во Македонија болестите во циркуларниот систем се главна причина за смрт на дури 55 проценти од вкупно умрените лица, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
Хроничните опструктивни пулмолошки болести убиле 3,0 милиони животи во 2016 година, додека ракот на белите дробови бил причина за 1,7 милион згаснати животи. Дијабетесот убил 1,6 милион лица, говорат податоците од СЗО.
Во сообраќајни незгоди, животот го загубиле 1,4 милион лица, од кои три четвртини се мажи и момчиња.

Во Македонија, освен болестите на циркуларниот систем, најчести причинители за смрт се неоплазмите, ендокрините, нутритивните и метаболичните болести, но и болестите на респираторниот систем.

Најзастапени причини за смрт во Македонија се болестите на циркуларниот систем, кои учествуваат со 58,4 проценти, потоа неоплазмите со 18,3 проценти, ендокрини, нутритивни и метаболички болести со 4,8 проценти, болестите на респираторниот систем пет проценти и повредите.

Според директорот на јавната здравствена установа Здравствен дом – Скопје и претседател на македонското здружените за медицина на трудот, д-р спец. Злате Мехмедовиќ, во 2016 година, според статистичките податоци во Македонија, регистрирани се 19.645 починати како резултат на горенаведените причини, додека минатата година, регистрирани се 20.421 починат. Според него, во службата за брза помош, со домашно лекување, во 2017 година регистрирани се 2.445 посмртници, додека, пак, во 2018 година, заклучно со месец август издадени се 1.687 посмртници.

– Доколку би пристапиле кон подетално разгледување на причините за смрт, слободно би можеле да кажеме дека од кардиолошки аспект најчестите причини, кои би можеле или доведуваат до смртен исход кај пациентите, се брадикардијата, која се карактеризира со бавна работа на срцето, ненадејно престанување на работата на срцето, тахикардија, болки во градите или акутен коронарен синдром, акутна срцева слабост, аортна дисекција пулмонална емболија. За жал, морам да нагласам дека возрасната граница за кардиолошките нарушувања е поместена, односно сѐ поголем е бројот на помлади лица што страдаат од овие болести – вели д-р Мехмедовиќ.
Според директорот на Здравствениот дом – Скопје, малигните неполазми се втора причина за смрт кај населението во Македонија, со застапеност од дури 18,3 проценти во структурата на вкупно починати лица, веднаш по болестите на циркуларниот систем со 58,4 проценти.

– Во Македонија годишно просечно умираат 3.741 лице од малигните неоплазми како основна причина за смрт. Просечно годишно учество на малигните неоплазми во вкупно починатите лица во анализираниот период изнесува 18,3 проценти. Во дистрибуцијата по пол, бројот на починати лица од малигни неоплазми покажува позитивна развојна тенденција кај двата пола. Стапките на морталитет се повисоки кај машкиот пол. Морталитетот од малигните неоплазми расте со возраста. Со најголема фреквенција евидентирани се починати лица од малигни неоплазми како основна причина за смрт кај возрасните категории над 45 години – заклучува д-р Мехмедовиќ.
Според него, кај жените најчеста причина за смрт се малигните неоплазми на дојки, со 27,2 проценти починати жени на 100 илјади, додека кај мажите на бронх и бел дроб, со дури 57,5 проценти починати мажи од 100 илјади.

– Загрижувачки е и тоа што расте бројот на млади адолесценти што заболуваат од дијабет. Податоците покажуваат дека во текот на четири години, бројот на пријавени лица од инсулин зависен дијабет, се зголемил од 246 на 344 во 2015 година, односно од 11,8 проценти на 17,7 проценти. Од последните статистички податоци, истиот тој индикатор изнесува дури 32,7 проценти – заклучува тој.