Случајот со интернет-игрите „Момо” (на сликата) или „Синиот кит” треба да го алармира за поголема контрола врз децата

Министерството за образование и наука ја следи состојбата и во координација со другите институции презема соодветни активности за утврдување на причините за појавата на случајот со интернет играта во основното училиште во Битола, како и превенција од евентуална појава на нови случаи преку мултисекторски пристап. Од досегашните информации, од Министерството велат дека не станува збор за масовна појава.

До училиштата, како што информираат од МОН, е доставен указ со кој тие се задолжени да го подигнат степенот на внимателност и интеракција со учениците, вклучувајќи и внимателност околу спроведувањето на комуникациите преку интернет, а воедно и зголемена индивидуална комуникација со учениците.

Од МОН велат дека е дадена насока преку групни работилници на оваа тема спроведени од страна на стручната служба во училиштето, учениците детално да се информираат за можните ризици од учеството во ваков тип на игри, а воедно и да се интензивира и комуникацијата со семејствата на учениците преку организирање на состаноци и родителски средби, со цел навремено превенирање доколку кај одредени поединци или групи биде забележано однесување кое отстапува од вообичаеното и упатува на индиции за преземање несакани дејствија од страна на учениците кон самите нив, кон нивните соученици, наставници или други вработени во училиштето.

– МОН ќе продолжи со интензивна работа со училиштата, со цел континуирана достапност на психолошко-предагошките служби кои се во комуникација со учениците. Основните и средните училишта во земјата добија насоки за понатамошната работа на педагошко-психолошките служби, наставниците, како и за вклучување на родителите и децата во активностите- информираат од МОН.

Од Министерството апелираат до семејствата, односно родителите и старателите на учениците да бидат претпазливи, да посветат време за разговор и да посветат внимание на содржините до кои пристапуваат нивните деца за времето додека се дома.