ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ ВО ПРВА ОФИЦИЈАЛНА ПОСЕТА НА СРБИЈА

Милко Живковиќ
(Наш известувач од Белград)

Економската соработка, положбата на малцинствата и француската иницијатива за ЕУ биле главни теми на вчерашната средба помеѓу македонскиот претседател Стево Пендаровски и неговиот српски колега Александар Вучиќ, беше истакнато на нивната заедничка прес-конференција одржана во Белград, во рамките на првата официјална посета на Пендаровски на Србија.

– Многу сум среќен што можевме да разговараме за клучните прашања во нашите билатерални односи. Белград и Скопје имаат многу добри односи, особено што е забележано зголемување на довербата, а тие ќе одат во уште подобра насока. Суштина претставуваат економските односи. Очекувам да дојдеме блиску до една милијарда евра во трговската размена, но, сепак, постои простор за напредок. Ние немаме отворено прашање, освен признавањето на Косово. Само сакаме да градиме добри национални односи. Среќни сме што ги имаме Македонците во Србија и што заедно ги сакаме Србија и Северна Македонија. Убеден сум дека 36-те илјади Срби во Северна Македонија исто така ги сакаат двете држави. Предадовме писмо за изградба на српски културен центар во Скопје, а истото тоа по реципроцитет ќе биде направено и во Белград. Немаме никакви барања кон Македонија и кон Македонците, освен да соработуваме добро и да живееме убаво едни покрај други во иднина – кажа Вучиќ.
Посетата на Белград претставува уште една потврда за добрите односи помеѓу двете држави, но и за истакнување на важноста од градењето на меѓусебниот дијалог, смета македонскиот претседател.

– Денеска имам чест да престојувам во моја прва официјална посета на пријателска Србија. Имавме можност да разговараме за теми од заеднички интерес. Посетата е уште една потврда за добрите односи, но и за потенцирање на важноста за градење на меѓусебниот дијалог. Нашите земји ги споделува долга историја и традиција, а ја споделуваме и визијата за европска интеграција. Заклучивме дека односите се одлични и без спорни точки. Различните гледишта за дел од прашањата ќе продолжиме да ги дискутираме како пријатели. Разговаравме и за француската иницијатива за променетата методологија за членство во Унијата. Европската интеграција останува долгорочна определба на Северна Македонија. Упатуваме јасни пораки дека ЕУ не смее да заборави на Западен Балкан. Европската интеграција е најдобриот начин што ќе овозможи просперитет и економска соработка. Се осврнавме и на аспекти на дијалогот помеѓу Белград и Приштина. А посебен акцент ставивме на економската соработка. Констатиравме дека економските односи трета година по ред бележат нагорен тренд. Евидентна е потребата за зајакнување на економската размена и постои простор за подобрување на соработката – истакна Пендаровски.


Мини-шенген не е реставрација на Југославија, ниту алтернатива за ЕУ

Не постои меѓународен фактор што не ја поддржува иницијативата за мини-шенген. Не станува збор за реставрација на четврта Југославија, ниту за алтернатива на ЕУ, туку за иницијатива за соработка, која треба да им го подобри животот на луѓето во регионот, посочи Пендаровски, зборувајќи за иницијативата за формирање мини-шенген.


Нема гаранција од Макрон за отворање на пристапните преговори

Претседателите на Македонија и на Србија се осврнаа и на променетата методологија за пристапување кон ЕУ.
– Новата методологија е во иницијална фаза. Има почетен инпут од преостанатите земји-членки. Тоа ќе биде долг комплициран бирократски процес. Заложбата на Макрон е оваа методологија да се усвои во јануари 2020 г., а не подоцна од март 2020 г. Но тој не ми даде никаква гаранција за отворање на пристапните преговори. Се надевам дека брзо ќе ја усвојат. А таа децидно вели дека не се предвидува замена за членството за Западен Балкан со друга алтернатива, односно алтернативно членство – порача Пендаровски.
Вучиќ, пак, смета дека Брисел не е сигурен што сака од Западен Балкан.
– Сите чекаме да станеме членки на ЕУ, но не сум сигурен дека тие во Брисел знаат точно што сакаат со нас. А кој ќе ви каже поинаку, ве лаже – категоричен е српскиот претседател.