Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) денеска официјално ја започнува специјалната мисија за проценка на изборите (СМПИ) за предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 15 јули.

Мисијата е предводена од Лаима Андрикиене (Литванија) и се состои од главен тим од осум интернационални експерти со седиште во Скопје.

– Мисијата ќе ги процени изборите за нивната усогласеност со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и со националното законодавство. Набљудувачите ќе ги следат фундаменталните аспекти на изборите, како што се регистрација на гласачите, регистрација на кандидатите, активности во кампањата и медиумско покривање на кампањата, работата на изборната администрација и релевантните државни органи, спроведување на правната рамка и решавање на изборните спорови. СМПИ на ОДИХР исто така ќе спроведе квалитативно и квантитативно мониторирање на медиумското покривање на изборната кампања – соопштија од таму.

Мисијата ќе оствари состаноци со претставници на релевантните власти и политички партии, граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународната заедница. При спроведувањето на своите активности, СМПИ на ОДИХР ќе соработува тесно со здравствените власти на Северна Македонија и ќе ги следи здравствените протоколи коишто ги имаат воспоставено.

Ден по изборите, ОДИХР ќе ги објави своите прелиминарни заклучоци за изборниот процес.
Конечниот извештај со проценка на целиот изборен процес, кој содржи препораки, ќе биде објавен приближно два месеци по завршувањето на изборниот процес.