Фото: Игор Бансколиев

Владата ѝ ја одзеде концесијата за риболов во Охридско Езеро на фирмата „Летница белвица“, откако повеќе рибари посочија дека таа работи незаконски, а увидот извршен од страна на надлежните служби го потврди тоа.

Беше најавено дека надлежното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе излезе со конкретни информации за злоупотреби на концесијата, по што оштетените и јавноста очекуваат и санкционирање на сите инволвирани во злоупотребите.

– Правдата победи. Државата веќе еднаш да прекине со ангажирање вакви криминалци – беше првата реакција на рибарите од струшко Радожда, по одземањето на концесијата на оваа фирма.

Тие сега очекуваат државата да преземе мерки за заштита на Охридско Езеро.
– Доколку државата се реши повторно да распише тендер за избор на концесионер за Охридско Езеро, планираме да формираме наше здружение на рибари што ќе конкурира. Ако, пак, се оди на варијантата за целосна заштита на езерото, заедно со Албанија, и тоа ќе го почитуваме. Добро е две до три години да се заштити езерото за да се обнови рибниот фонд, но треба да се води сметка таквата заштита да не остане предолго, оти ние како рибари ќе останеме без работа – вели рибар од Радожда.

За случајот во повеќе наврати пишуваше и „Нова Македонија“, до која се обратија рибари од струшко Радожда и се пожалија дека сопственикот на „Летница белвица“ не им дава никакви документи за предадената риба, а потоа истата таа ја продава или ја пласира во својот ресторан.

Пред крајот на минатата година, повеќе инспекциски служби влегоа во просториите на фирмата „Летница белвица“ и направија увид во документацијата за да утврдат евентуално незаконско работење.

„Летница белвица“ е во сопственост на стружанецот Милорад Чавкоски, кој беше одговорно лице во струшката подружница на претходниот концесионер „Пастрмка 2012“ на Охридско Езеро, кој прво се откажа, а потоа и Владата пред повеќе од една година и трајно му ја одзеде концесијата поради неисполнување на дел од законските обврски.

Чавкоски повеќе години е концесионер и одговорен и за јагулата во Црн Дрим, а рибарите што се обратија до редакцијата на „Нова Македонија“ обвинија дека токму во бизнисот со јагула тој има заработено огромни пари.

– Над 150 тони јагули има фатено, а нема ништо пријавено. Килограм јагула чини 800 денари, а тој само во една вечер има фатено два тона – обвини еден од рибарите, кој посака да остане анонимен.

„Нова Македонија“ пред извесно време го контактираше и Чавкоски, кој само кратко одговори дека не знае зошто некои од рибарите реагираат против него и посочи дека службите ќе утврдат дали имало незаконско работење.