По повод празникот 23 Октомври, денот на македонската револуционерна борба, пред спомениците на идеолозите и великаните на револуционерната борба родум од Прилеп, Ѓорче Петров и Пере Тошев во центарот на градот, делегагии на локалната самоуправа и на политичките партии положија свежо цвеќе и се поклонија пред спомен обележјата оддавајќи им почит на Ѓорче Петров и на Пере Тошев.

Честитајќи го празникот на сите граѓани, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски повика на обединување и помирување на сите граѓани во овие, како што рече тешки политички моменти.

– Им го честитам на нашите граѓани денешниот празник, 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба и им посакувам обединување и помирување на сите граѓани. Во овие тешки политички моменти кои се вистински предизвик за нашата држава треба да најдеме можност сите заедно да се обединиме и со заедништво да продолжиме да ја градиме нашата европска Македонија – изјави Јованоски.