Одржливиот развој мора да биде врвен приоритет за сите, во сите наши акции и одлуки. Ова е заклучокот од настанот организиран за одбележување на Денот на ОН во Северна Македонија, денеска во Градскиот парк во Скопје, на кој на едно место се собраа претставници од сите сегменти на општеството, од државните институции и граѓанското општество до приватниот сектор и академските кругови, како и претставници на дипломатскиот кор.

„Не само што остануваме целосно посветени на Парискиот договор туку во врвот на пандемијата усвоивме ревидиран, амбициозен национален план за придонес кон намалување на емисиите на стакленички гасови. Многу од акциските планови за климата се директно поврзани со целите за одржлив развој и кореспондираат со зелената агенда на Европската Унија“, рече претседателот Стево Пендаровски.
„За подобра иднина, клучно е да имаме заедничка визија за развојот на земјата. Во овој краток период пред нас нашите заеднички напори мора да ги насочиме кон клучната цел, а тоа е да создадеме иднина за младите овде, во Северна Македонија“, нагласи тој.

Пендаровски објасни дека на самиот почеток на својот мандат го иницирал проектот „МКД 2030“ како автентична стратегиска рамка за развој на Северна Македонија до крајот на оваа деценија.

Тој исто така целосно ја поддржува претстојната изработка на Националната стратегија за развој 2021-2041 година како дел од истиот комплементарен процес на градење визија за иднината што го опфаќа целото општество.

„Преку образованието, денес треба да ги подготвиме граѓаните на иднината, кои ќе бидат свесни за економските и социјалните нееднаквости и ќе работат на нивно надминување, кои ќе се гледаат како дел од природата, а не како нејзини господари, кои одговорно ќе ги користат новите дигитални технологии. Неопходно е да се едуцира генерација луѓе што ќе го почитуваат достоинството на различностите“, рече претседателот Пендаровски изразувајќи уверувње дека Обединетите нации, како единствена меѓународна организација, ќе одиграат незаменлива улога во градењето на таква иднина за светот во 21 век.

Во снимената видеоизјава за одбележувањето на Денот на ОН во Северна Македонија премиерот Зоран Заев истакна дека основните начела на ОН – мир, просперитет и еднакви шанси за сите се вредности без рок на важност за нас и за сите идни генерации.

„Во таа смисла нашата силна посветеност на усогласување на националните приоритети и политики со целите за одржлив развој е доказ за нашата решеност да донесеме подолг и подобар живот на сите наши граѓани“, истакна Заев.

Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во Северна Македонија, истакна дека мора да разбереме дека целите за одржлив развој се заложба за подобра иднина за сите нас и дека тие не им припаѓаат на ОН, на Владата или на која било друга организација или група луѓе.
„Целите за одржлив развој ни припаѓаат нам. Без разлика дали нашите напори се засноваат на Агендата 2030, процесот на пристапување во Европската Унија или на националните приоритети, ние во принцип работиме на истата платформа и, на крајот на краиштата, на истата цел – забрзување на одржливиот развој за доброто на сите“, изјави Дуџак. „Мора да ги ставиме нашите обврски во пракса. Мора да имплементираме одржлив пристап во сите наши акции и активности, во сите одлуки што ги носиме, во текот на денот, секој ден“, нагласи таа.

Дуџак посочи дека одрлижвиот пристап мора да биде интегриран во секој домен од нашето свесно и несвесно дејствување, од изборот на храната што ја јадеме до влијанието што го имаме врз пријателите, семејството, заедницата и нашата планета.

„Мора да разбереме дека промени се можни само ако ова го правиме заедно. Мора да ги тргнеме разликите и недоразбирањата од минатото на страна. Мора да се осигуриме дека не постои поголем приоритет од одржливиот развој“, рече Дуџак.

Таа ја искористи можности да најави повеќегодишна отворена кампања за застапување наречена „Се грижам “. Целта на кампањата е да се мобилизираат организации и личности од сите сегменти од општеството за активно да придонесат кон заедничката определба за позелена, подобра и поодржлива иднина.

„Како отворена платформа, сите може да се вклучат и да придонесат со застапување за подобри животни стандарди, за подобри и позелени работни места, за универзален пристап до квалитетно здравство, образование и социјални услуги, за амбициозна акција за намалување на последиците од климатските промени и за заштита на биодиверзитетот. Со оваа кампања сакаме да го всадиме принципот на одржлив развој во сите нас за да ги видиме промените и иднината што ја посакуваме“, нагласи Дуџак.