Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, положи свежо цвеќе пред споменикот на светите браќа, патрони на првиот државен универзитет во Скопје. Со полагањето цвеќе во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се одбележуваат просветителската мисија и извонредната улога што браќата Кирил и Методиј ја имаат во историјата и културата на Европа, светот и Северна Македонија, а изразена преку нивната мисија меѓу словенските народи во деветтиот век. Низ тој процес била создадена и првата азбука – глаголицата, од која подоцна ќе се создаде кирилицата, како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо.
Претседателот Заев упати писмо со честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски господин господин Стефан, до Синодот, свештенството и монаштвото и до сите православни верници.

– На 24 Мај го одбележуваме епохалното дело на светите браќа Кирил и Методиј, благодарение на кое македонскиот народ, но и преостанатите словенски народи самоуверено зачекорија на светската цивилизациска сцена. Светите браќа овозможија Библијата да биде достапна за сите Словени, а во тој дух на отвореност денес оддаваме почит на нивното дело заедно со сите преостанати словенски и други народи, кои чувствуваат ист долг кон нивното дело и наследство и ја слават со достоинство и чест. За извонредното значење на мисијата на светите браќа говори фактот што денес тие се патрони на Европа, признание дадено од Ватикан, со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи, чие културолошко мото е – Единствени во различноста – напиша Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за делото на Светите Кирил и Методиј вели дека е рамно на апостолско и затоа се прогласени за заштитници на Европа, бидејќи со својата просветителска дејност и создавањето на глаголицата поттикнаа епохален цивилизациски процес.

– Ширењето на словенската писменост и заштитата на словенската култура е придонес што сите словенски народи го почитуваат. Ние сме особено горди што оваа искра на прво словенско писмо и просветителство почнува од Македонија. Нивната мисија по текот на Брегалница беше основата на која се градеше нивната дејност. Говорот на Словените од Македонија беше темелот на кој се градеше целата словенска писменост, која потоа преку Моравската мисија ја раширија ширум Словените во Европа. Затоа не е нескромно да се каже дека таа искра од Македонија го запали просветителскиот факел што се прошири низ Европа, факел што ден-денес осветлува половина континент и стотици милиони луѓе – напиша Мицкоски.