Во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“, во присуство на државниот врв, дипломатскиот кор, локалната самоуправа, раководството на Министерството за внатрешни работи и гости, со доследно почитување на ковид-19 мерките и протоколите, беше одбележан 7 Мај – Денот на македонската полиција.

– Горд сум што и покрај несаканата ситуација на глобално ниво, покажавме дека во ова министерство работат професионалци кои неуморно ги извршуваат своите обврски, непоколебливо се борат против криминалот и корупцијата, против тероризмот, се грижат за јавниот ред и мир и за секојдневните потреби на граѓаните. За ефикасноста на полициската работа покажуваат конкретните резултати во борбата против криминалот. Со задоволство можам да констатирам дека во речиси сите сегменти е очигледно подобрувањето на резултатите, а евидентно е и генералното намалување на криминалитетот – рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Според Спасовски денешната визура на МВР е производ на интензивните и динамични реформи, во соработка со меѓународните партнери, академската јавност и граѓанското општество, а во тој процес на трансформација, МВР со своите вработени претставува реална слика на мултиетнички обединетото општество, со евидентни позитивни промени и во обезбедување на родова еднаквост и еднакви можности во полицијата.

На свеченоста беа промовирани и новите униформи за Единицата за брзо распоредување, Единицата за обука и поддршка и Интервентната полиција, а плакети и благодарници беа доделени за успешно реализираните оперативни акции во МВР, за успешна соработка и континуирана поддршка на соработниците на Министерството, на најдобрите полициски службеници, а специјална плакета за партнерство и соработка доби претседателот Пендаровски.

Во рамки на одбележувањето на Денот на полицијата – 7 Мај, делегации од Министерството за внатрешни работи положија свежо цвеќе на спомен обележјата на бранителите и починатите колеги на Министерството за внатрешни работи во кругот на МВР, во паркот „Жена“, во базата „Брест“, во касарната „Илинден“ и во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“.