Во кругот на МВР и Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ денеска беше одбележан 7-ми мај -Денот на македонската полиција.

Одбележувањето почна со оддавање на почит на спомен обележјата на загинатите бранители со положување свежо цвеќе во кругот на министерството од страна на највисокото раководство на МВР во придружба на претставници од различни организациони единици, семејствата на бранителите и македонскиот полициски синдикат.

Свечената церемонија продолжи во 11.30 часот во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ каде што раководството на МВР, дел од вработените, семејствата на бранителите, поканетите гости од Дипломатскиот кор имаа можност да го проследат обраќањето на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, неколку показни вежби од страна на Единиците на МВР како и доделувањето плакети за посебен придонес и заложба во работењето на министерството за вработени во МВР и плакети за благодарност до претставниците на Дипломатскиот кор .

– Денешниов празник го одбележуваме во едни сосема поинакви околности, кои што ни даваат јасен увид за значењето и улогата на полицијата и во кризни состојби, како што впрочем е актуелната пандемија од Коронавирусот. Демонстрираната организираност, исполнителност, законска дисциплинираност, и пожртвуваност на сите припадници на Министерството за внатрешни работи, во исполнувањето на сите зададени обврски и задачи во справувањето со пандемијата и примарно – во зачувувањето на човечките животи како бесценета вредност на секое општество, е јасен показател за потенцијалите и кредибилитетот на македонска полиција – рече министерот Чулев.

Министерот истакнувајќи ја својата лична увереност, рече дека македонската полиција не само во контекст на актуелните кризни случувања, туку и пошироко во сите други домени од своето работење ќе остане непоколеблив гарант во заштитата на уставно-правниот поредок, на спроведувањето на законите, на личната и имотна сигурност на секој наш човек.
Дополнителната заменик министерка Славјанка Петровска им го честита Денот на полицијата на сите сегашни, но и поранешни припадници на МВР.

– Секој од нив има свој дел од она што денес го живееме, верувам во нивната посветеност, ги поддржувам во нивната професионалност и истрајност. И токму затоа испраќам порака до сите нив дека заедно ќе продолжиме да се бориме против сите современи безбедносни закани, но и против сите секојдневни предизвици. Денес, Република Северна Македонија е членка на НАТО и е безбедно стабилна држава. И тоа е резултат на сите безбедносни реформи кои беа направени изминатите три години. Довербата во полицијата расте и тоа ќе ни биде поттик и во иднина реформите во полицијата да се темелат на чесност и професионалност, штитејќи ги интересите на нашата држава и граѓаните. Им благодарам на сите припадници, поранешни и сегашни, кои храбо и одлучно се грижат за нас. Им оддавам почит на сите кои ги положија своите животи за она што денес го живееме. Тие секогаш ќе бидат дел од нас – рече Петровска.