На одбележувањето на 17-годишнината од загинувањето на десеттемина македонски бранители, во 2001 година кај месноста Карпалак помеѓу Тетово и Скопје, оние што го преживеаја нападот повторно истакнаа дека секојпат го имаат истото барање – да се постави достојно спомен-обележје на тоа место. Речиси две децении поминаа и ниту една влада не постапува по нивните барања, велат бранителите.

– Секоја година исто се бара, а и секојпат нѐ заобиколуваат. Бараме да се изгради споменик, да не се остава цвеќето тука на банкина – изјави Ацо Јовановски-Реган, еден од возачите на возилата во конвојот што беше нападнат.

Полицискиот генерал Стојанче Ангелов, кој беше бранител од 2001 година, а сега присуствуваше како претставник на делегација од Владата, изјави дека во согласност со можностите, централната власт ќе ја согледа реализација на барањето.

– Поминаа 17 години откога животите ги загубија 10 бранители. Владата со сите сили ќе се обиде да го зачува споменот за сите бранители и да им дадеме помош на семејствата на загинатите и на воените инвалиди. За загинатите тука кај Карпалак на различни локации има спомен-обележја, а централното е во Прилеп. За ова место, доколку постои иницијатива што е издржана, Владата, верувам, ќе излезе во пресрет – рече Ангелов.

Кај спомен-плочата со имињата на десетте бранители, букети свежи цвеќиња положија делегации од Собранието, претседателот, Министерството за одбрана, претставници на семејствата на загинатите, политички партии и здруженија.

– Ова е тажен помен, момент на сеќавање и вечна памет и слава за оние што се бореа и загинаа за Македонија – изјави Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.
На 8 август 2001 година околу 10 часот конвој на АРМ беше подмолно нападнат од заседа. Притоа беше погодено едно транспортно возило на армијата во кое беа 8 војници и двајца офицери, сите од резервниот состав.