Во спомен на единаесетте припадници на воздухопловната бригада (вбр) на АРМ кои загинаа во хеликоптерската несреќа пред единаесет години, денеска беше положено цвеќе на местото на несреќата кај катлановско Блаце и во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец.

Почит на загинатите припадници на спомен обележјето им оддадоа делегации од Министерството за одбрана, предводена од заменик-министерот за одбрана, Беким Максути, од ГШ на АРМ предводена од директорот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Зоран Милески, од Здружената оперативна команда, воздухопловната бригада, 1. механизирана пешадиска бригада, од општина Петровец и од членовите на семејствата на загинатите припадници, соопшти ГШ на АРМ.

Со едноминутно молчење и полагање венци со цвеќе почит на загинатите припадници им беше оддадена и од делегации од Здружената оперативна команда и вбр пред спомен обележјето и пред командата на вбр во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец.

Годишнината од хеликоптерската несреќа ќе биде одбележана и во кампот Бутмир, Сараево, во Босна и Херцеговина каде нашите мировници беа дел од мисијата „АЛТЕА“.

Хеликоптерот Ми-17 се урна на 12-ти јануари 2008 година кај катлановско Блаце, враќајќи ги во Македонија потполковникот Тони Спасовски, мајорот Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.