Македонската платформа против сиромаштијата (МППС) по трет пат го распиша конкурсот за доделување на „Награди за новинари кои пишуваат за невидливите“.

– Станува збор за доделување на награди за новинарство „одоздола“, односно награди за новинари кои пишуваат на социјални теми, поврзани со сиромаштија и социјална исклученост, а на тој начин им даваат глас на луѓето кои ретко имаат можност јавно да зборуваат за своите проблеми и се речиси општествено невидливи. Она што овој проект го прави уникатен е составот на жирито, односно улогата на членови во жирито ја имаат исклучиво луѓе кои имаат искуство со живот во сиромаштија – велат од МППС.

Наградите имаат за цел промовирање на новинарство кое ги опфаќа многуте аспекти на сиромаштијата и социјалната исклученост, поддржуваат известување кое ги почитува граѓаните и внимава на нивното достоинство и изразуваат поддршка на новинарите кои им даваат видливост и гласност на граѓаните кои вообичаено не ги гледаме и слушаме. Конечната цел е да се доделат награди на општествено посветени новинари, кои внимаваат да не градат стереотипи и не се водат од сензационализам.

Краен рок за доставување на сториите е 01.02.2020 година, на е-маил адреса [email protected].