Во рамките на реорганизацијата на државната администрација Министерството за информатичко општество и администрација денеска почна со обуката на претставници на министерства и јавни институции.

„По спроведувањето на хоризонталната функционална анализа и изготвувањето извештаи за реорганизација, каде што беше формирана новата организациска структура на државните органи, агенции и инспекциски служби на централно ниво, оваа обука има цел да создаде административни капацитети, кои ќе имаат надлежности да ги спроведат своите ревизии кога ќе се појави потреба“, рече министерот Шаќири.

Меѓу другото, тој ја истакна важноста на оваа обука и додаде дека се ангажирани експерти да понудат помош и да обучат за процесите што следуваат.

Оваа фаза ќе ги покаже во пракса ефектите од овој процес, но и ќе биде позитивен пример и поттик за продолжување спроведување на целосната реорганизација во другите министерски системи и Генералниот секретаријат на Владата.

Министерот Шаќири го заврши својот говор посакувајќи успешна обука и плодна дискусија за сите учесници.