Високиот претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите Харлем Дезир вчера изрази поддршка за Регистарот на професионални онлајн-медиуми, кој завчера беше промовиран од Здружението на новинарите на Македонија и Советот за етика во медиумите на Македонија. Дезир ја поздрави иницијативата за саморегулација, според која онлајн-медиумите кои ќе бидат дел од Регистарот ќе го почитуваат новинарскиот кодекс при своето работење, a потребно ќе биде и да имаат транспарентно финансирање и импресум.

– Медиумската саморегулација е корисен механизам и придонесува кон поквалитетно информирање, заштита на уредничката слобода и јакнење на медиумскиот кредибилитет – изјави Дезир.

Инаку, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) ќе подготви студија за утврдување на влијанието на новите медиуми врз формирањето на јавното мислење и врз работењето на традиционалните медиуми во земјава. Документот, кој треба да биде завршен на почетокот од следната година, ќе ги утврди вкупните приходи на онлајн-медиумите во 2018 година, нивната структура, како и уделот на приходите од рекламирање на онлајн-медиумите во вкупните приходи од рекламирање на медиумскиот пазар во 2018 година. Покрај економската анализа, планираната студија ќе има посебен дел за анализа на новите медиуми и публиката преку спроведување телефонска анкета на репрезентативен примерок за истражување на публиката. На национално ниво ќе се утврдува колку македонските граѓани ги користат традиционалните и онлајн-медиумите, за кои потреби најчесто ги ползуваат и кои видови нови медиуми најчесто ги користат. Наедно, со истражувањето ќе треба да се откријат ставовите на публиката за традиционалните и онлајн-медиумите од земјава, како и за предностите и недостатоците на онлајн-медиумите во споредба со традиционалните печат, радио и телевизија.